Ерлинг Халанд е гол-машина каква што светот не видел досега. На само 25 години, тој веќе има постигнато над 300 голови во кариерата, надминувајќи ги Меси и Роналдо на иста возраст. Сепак, и покрај неверојатните бројки, еден дел од фудбалската јавност постојано се обидува да го омаловажи, нарекувајќи го “tap-in merchant” – играч кој постигнува само лесни голови од непосредна близина.
Во големото интервју за престижниот американски магазин TIME, норвешкиот “ѕвер” конечно одговори на овие критики, и тоа на начин кој ја покажува неговата супериорна ментална сила.
Одговорот на Халанд: “Тоа значи дека правам нешто што другите не можат”
На директно прашање што мисли за етикетата “tap-in merchant”, Халанд со насмевка одговорил:
“Што е најтешкото нешто во фудбалот?”, прашал тој реторички, а потоа продолжил: “Ако си ‘tap-in’ мајстор, тоа значи дека постигнуваш многу голови, нели? Тука некаде го имате одговорот. Го сакам тоа кога луѓето ме нарекуваат ‘tap-in’ мајстор. Навистина го сакам. Тоа значи дека правам нешто како што треба. Нешто што многу други луѓе не можат.”
Дебатата на фановите: Незнаење или вистина?
Оваа изјава предизвика лавина од коментари на социјалните мрежи, каде што фановите и аналитичарите влегоа во жестока дебата.
“Да се биде на вистинското место во вистинското време за да се постигне ‘tap-in’ гол значи дека си еден од најпаметните играчи на теренот”, гласи еден од коментарите на Reddit. Друг додава: “Халанд е сон за секој менаџер. Можеш да изградиш цел систем околу совршен ‘ловец’ на голови кој знаеш дека секогаш ќе биде таму каде што треба”.
Многумина сметаат дека критиките доаѓаат од луѓе кои не го разбираат фудбалот. “Секој што тврди дека тој не е светска класа затоа што е ‘tap-in’ мајстор, едноставно нема поим за што зборува. Дури и кога не постигнува гол, тој врзува двајца дефанзивци и отвора простор за другите”.
Најпотценетиот квалитет: Фудбалска интелигенција
Како што заклучува и поранешниот играч од Премиер лигата, Роби Ерл: “Неговата фудбалска интелигенција е надвор од сите граници. Тој ги гледа работите пред другите играчи на теренот. Тоа е како математичар кој може да го реши алгоритмот побрзо од било кој друг.”
На крајот, додека дебатите продолжуваат, Халанд продолжува да го прави она што го знае најдобро – да постигнува голови. А како што вели еден фан: “Гол си е гол. Не вреди повеќе ако е постигнат надвор од шеснаесетникот”.
