Иако веќе е во своите четириесетти години и зад себе има тешка дебитантска сезона со Ферари, Луис Хамилтон не размислува за крај. Напротив, Британецот откри дека веќе шест-седум години води „тивка војна“ со челниците на Ф1, инсистирајќи на враќање на најбрзиот циркус на африканскиот континент.
„Времето тече, а Африка ја нема во календарот“
Хамилтон, кој често со гордост истакнува дека е „полу-Африканец“ (неговиот татко влече корени од Гренада и Африка), чувствува дека неговото време во спортот истекува, додека ветувањата на Ф1 за трка во Африка постојано се одложуваат.
„Не сакам да го напуштам спортот без да се тркам таму. Постојано ги прашувам: ‘Кога конечно ќе се случи тоа?’. Тие поставуваат датуми, а јас си велам: ‘Проклето, можеби нема да имам уште толку време’. Затоа ќе бидам тука сè додека тоа не се оствари“, изјави Хамилтон.
Иако неодамна имаше шпекулации за трка во Пјанда, а претходно пропаднаа преговорите за враќање на патеката Кјалами во Јужна Африка, во овој момент нема ниту еден конкретен план за трка на овој континент пред крајот на деценијата.

Емотивен за корените и експлоатацијата
Хамилтон не зборуваше само за тркањето, туку и за неправдите што ги гледа на континентот. Тој упати силни критики кон побогатите западни земји кои со векови ја експлоатираат Африка.
„Тоа е најубавиот дел од светот. Не ми се допаѓа што остатокот од светот поседува толку многу таму, зема толку многу, а никој не зборува за тоа. Се надевам дека народите таму ќе се обединат и ќе си ја вратат Африка од Британците, Французите, Шпанците и Португалците“, додаде Луис.
Новиот Хамилтон во Ферари: „Тој човек од лани повеќе не постои“
Покрај борбата за Африка, Хамилтон зборуваше и за сопствената ментална состојба. По катастрофалната 2025 година во која се нарекуваше себеси „бескорисен“, Луис вели дека преку зимата повторно се пронашол себеси.
„На момент изгубив претстава за тоа кој сум. Но, тој човек е минато. Нема да го видите повторно. Сега се чувствувам многу подобро во Ферари, ја разбрав културата и подготвен сум за новите правила во 2026 година“.
Хамилтон е „гладен“, мотивиран и подготвен да чека, дури и ако тоа значи дека треба да се трка уште многу сезони додека не го види африканското знаме на календарот на Ф1.



