НБА лигата експресно реагираше на тензичниот крај на четвртиот натпревар помеѓу Денвер Нагетс и Минесота Тимбервулвс. Иако не беа досудени суспензии кои би влијаеле на составот на екипите за клучниот петти меч, ѕвездите на двата тима ќе мора да платат солени парични казни поради нивната улога во инцидентот на самиот крај на средбата.
Дисциплинската комисија на лигата објави дека Никола Јокиќ е казнет со 50.000 долари, додека Џулиус Рандл ќе треба да плати 35.000 долари.
Како започна сè?
Инцидентот се случи на само 1.3 секунди пред крајот, при резултат 112-96 за Минесота. Наместо да го сопре нападот и да дозволи времето да истече, Џејден Мекданиелс реши да постигне непотребно положување. Овој потег го испровоцира Јокиќ, кој трчаше кон Мекданиелс за да му приговори, што доведе до кошкање пред клупата на Минесота.
Иако неколку играчи од двете клупи (Арон Гордон и Јонас Валанчунас од Денвер, како и Руди Гобер и Боунс Хајланд од Минесота) влегоа на теренот, НБА одлучи да не ги суспендира, сметајќи дека останале во „близина на својата клупа“ и не придонеле за дополнителна ескалација.
Tensions were high at the end of Game 4 between the Nuggets and Timberwolves 😳
— ESPN (@espn) April 26, 2026
Both Nikola Jokic and Julius Randle were ejected for unsportsmanlike conduct. pic.twitter.com/U7Pg8ULO1J
Серија полна со „зла крв“
Тензиите во оваа серија не се нови. По вториот натпревар, Мекданиелс дополнително го „запали“ огнот изјавувајќи дека Денвер има „лоши дефанзивци“, директно именувајќи ги Јокиќ, Мареј и Гордон.
Мекданиелс се покажа како вистински кошмар за актуелниот шампион, не само со своите провокации, туку и со одличната одбрана која му помага на Гобер да го лимитира учинокот на трикратниот МВП. На последниот меч, Јокиќ иако беше блиску до трипл-дабл (24 поени, 15 скокови и 9 асистенции), шутираше слаби 8 од 22 од игра и ги промаши сите три обиди за тројка.
Може ли Денвер до нов историски пресврт?
Нагетс сега се наоѓаат во безизлезна ситуација и заостануваат со 3-1. Сепак, навивачите во Колорадо се надеваат на реприза на 2020 година, кога Денвер стана првиот тим во историјата кој се вратил од 3-1 негатива во две последователни серии (против Јута и Клиперс). Првиот чекор кон тој подвиг е победа вечерва на домашен терен во петтиот натпревар.



