Херојот на Бенфика во трилерот со Реал: „Не сум ни свесен што се случи!“

Објавено:

Не стивнуваат импресиите од вчерашната вечер во Лигата на шампионите, а убедливо највозбудлива завршница имаше дуелот меѓу Бенфика и Реал Мадрид, каде младиот украински голман стана херој на Лисабон.

Во последните моменти од мечот, и покрај водството од 3-2 на Португалците, Бенфика беше во позиција на испаѓање од плеј-оф фазата поради неповолната гол разлика, а Реал се наоѓаше во сигурните топ 8 на самиот врв.

Но, тогаш се случи нешто нереално. Откако сите други 17 мечеви низ Европа веќе завршија, целиот фудбалски свет за момент застана и се сврте кон Лисабон. Сите очи беа вперени во последните секунди од дуелот меѓу учителот Мурињо и неговиот ученик Арбелоа. Жозе Мурињо ја доби информацијата дека му недостасува само еден гол за преживување, па во последен очајнички потег го испрати голманот Анатолиј Трубин напред. И тогаш, се случи невозможните – Трубин го постигна голот што им недостасуваше…

„Не сум ни свесен што направив. Постигнав гол… Тоа е нешто што го немам направено претходно, па искрено, не знаев ни како да изреагирам“, изјави младиот Украинец по мечот, сè уште во шок од сопствениот подвиг.

Трубин признава дека на теренот играчите воопшто не биле свесни колку е критична ситуацијата, само 60 секунди пред тој да го постигне одлучувачкиот гол кој ја однесе Бенфика во плеј-офот, а го турна големиот Реал Мадрид надвор од елитното друштво.

„Целосно не бевме свесни. Момците ми покажуваа нешто со прстите, ми викаа ‘еден, еден’, но не разбирав што сакаат да кажат. Дури откако го добивме слободниот удар, сфатив дека е сериозно затоа што сите на теренот и од клупата почнаа хистерично да ми викаат ‘оди, оди, оди’. Кога стигнав во шеснаесетникот, само кратко прашав дали ни треба уште еден гол – и го дадов“, вели Трубин низ смеа.

„Мислам дека сè уште не можам да сфатам што се случуваше навистина, тоа беше лудо. Ова беше навистина важен гол за нас“, заклучи новиот миленик на навивачите на „Естадио да Луж“.

Овој гол не само што ја спаси сезоната за Мурињо, туку го приреди и најголемиот шок на табелата, испраќајќи го актуелниот шампион Реал Мадрид по потешкиот пат во елиминациската фаза.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено