4.8 C
Skopje

Хет-трик на Лајпциг: Три засилувања во еден ден!

Објавено:

- Advertisement -
- Advertisement -

РБ Лајпциг имаше еден од најактивните и најимпресивните денови на летниот трансфер-пазар, комплетирајќи вистински “трансфер-хет трик” со потписите на тројца исклучително талентирани млади фудбалери. Германскиот клуб потроши речиси 60 милиони евра и јасно ги покажа своите амбиции за градење на нов, моќен тим.

Сè започна со финализирањето на зделката за која се зборуваше со денови. Како што претходно објавивме, белгиското крило Јохан Бакајоко, пристигна од ПСВ откако Лајпциг ја доби битката со Леверкузен и Дортмунд. Но, тоа беше само почетокот.

Вториот дел: Српскиот “вундеркинд” Андрија Максимовиќ

Набргу потоа, клубот го потврди и ангажманот на еден од најголемите европски таленти, 18-годишниот Андрија Максимовиќ од Црвена Звезда. Трансферот е вреден 14 милиони евра, што е рекордна продажба во историјата на српската Супер лига.

Максимовиќ, кој е офанзивен играч за врска, иако има само 18 години, веќе има 8 настапи за сениорската репрезентација на Србија и 7 натпревари во Лигата на шампионите. Тој потпиша договор до 2030 година.

“Клубот навистина се потруди да ме донесе и ми покажа јасна спортска перспектива што веднаш ме воодушеви“, изјави Максимовиќ, кој во Лајпциг ќе му се придружи на својот сонародник и поранешен соиграч, Коста Недељковиќ.

Третиот дел: “Скапоценото” крило од Брегот на Слоновата Коска, Јан Диоманде

За да го комплетира хет-трикот, Лајпциг ја активираше и откупната клаузула од 20 милиони евра за 18-годишниот Јан Диоманде од шпанскиот Леганес, што е рекордна продажба и за овој клуб.

Диоманде има интересна животна приказна. Роден во Брегот на Слоновата Коска, тој се развивал во фудбалска академија во Флорида, САД, пред во јануари 2025 да се пресели во Леганес. Своето професионално деби го имаше на “Сантјаго Бернабеу” против Реал Мадрид, каде што веднаш ги покажа своите квалитети – неверојатна брзина, дриблинг и атлетска градба.

“Лајпциг е совршено место за млади играчи да се развиваат на високо ниво. Тие сакаат да играат брз, офанзивен фудбал – тоа совршено одговара на моите способности”, изјави Диоманде.

Со овие три потези, Лајпциг јасно ја покажува својата филозофија – градење на тим со млади, гладни и супер-талентирани играчи, подготвени да ја вратат екипата на врвот на германскиот фудбал.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено