(Видео) НБА спектакл: Дончиќ доминира, Вигинс со сирената, Вембањама влезе во историјата!

Објавено:

Лука Дончиќ уште еднаш беше главниот лик во Холивуд. Со 38 поени, 5 тројки и неколку додавања за антологија, словенечкото чудо ги предводеше ЛА Лејкерс до нова победа од 121:111 над Шарлот Хорнетс, за шестти триумф во последните седум натпревари.

Домашната публика можеше само да му аплаудира на Дончиќ, кој повторно изгледаше како да игра на своја сцена. Леташе низ рекетот, делеше додавања без да гледа, а во четвртата четвртина, кога мечот беше решен, погоди шут од три четвртини на теренот, веднаш по тајм-аутот на Лејкерси, предизвикувајќи ерупција на трибините исполнети со „жолто-виолетови“ дресови.

Руи Хачимура внесе искра во третата четвртина со 13 од своите 21 поен, токму кога Шарлот се обиде да го удвои Дончиќ. Остин Ривс додаде 24 поени, а Маркус Смарт со тројка во последните минути ја запечати победата.

Кај Хорнетс, Мајлс Бриџис погоди седум тројки и заврши со 34 поени, додека дебитантот Кон Кнеупел за малку не стигна до трипл-дабл со 19 поени, 10 скока и 9 асистенции. Но, без ЛаМело Бол и Брендон Милер, Шарлот повторно беше тим со премногу проблеми и премалку решенија.

„Се забавувам, тоа е најважно“, рече Дончиќ по мечот со својата препознатлива насмевка. „Имаме енергија, хемија… Лејкерси изгледаат како тим што верува“.

Вигинс со звукот на сирената, Мајами во лудо шоу го победи Кливленд (140:138 ОТ)

Ноќ на неверојатен драматизам во Мајами: Ендрју Вигинс донесе победа со закуцување со звукот на сирената во продолжението! Норман Пауел постигна 33 поени, а Хаиме Хакез Џуниор имаше 22 поена, 13 скока и 7 асистенции за Хит, кои остануваат совршени дома (5-0), нешто што се случило само двапати во историјата на клубот, во шампионската 2012/13 и финалната 2019/20 сезона.

Бакси 116 – 114 Маверикс

Јанис Антетокумпо ја презеде сцената во последната четвртина со 15 поени, а Кузма (да, Кузма!) со 26 поени од клупа и украден пас за крајниот финиш ја запечати победата над Далас. Младата ѕвезда Купер Флаг повторно блесна со 26 поени, но без помош на соиграчите.

Пистонс 137 – 135 Визардс

Кејд Канингем испорача мастерклас со 46 поени, 12 скока, 11 асистенции и 5 украдени топки на дури 45 обиди од игра, најмногу оваа сезона во НБА. Детроит продолжува да лета со седма победа во низа, додека Вашингтон тоне со деветти пораз по ред.

Спарси 121 – 117 Булси

Виктор Вембањама испиша историја: 38 поени, 12 скока, 5 асистенции, 5 блокади и 6 тројки, нешто што никој досега не го направил во НБА. Францускиот феномен беше незапирлив во последната четвртина (18 поени), а Сан Антонио стигна до трета победа по ред.

Санс 121 – 98 Пеликанс

Грејсон Ален со 10 тројки (рекорд на франшизата!) и 42 поени, а Феникс конечно изгледа како тим во подем со пет победи на последните шест натпревари.

Хокс 105 – 102 Клиперс

Вит Крејчи со животен меч со 28 поени и 8 тројки, додека Џејмс Харден со трипл-дабл (35/11/10) пак остана без награда. Клиперси во слободен пад со петти пораз по ред, без повредениот Кавај Ленард.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено