Напаѓачот на Атлетико Мадрид, Аргентинецот Хулијан Алварез, очигледно решил да ги искористи сите можни (и неморални) средства за да го принуди својот клуб да го продаде во лутиот ривал Барселона.
Она што започна како обично незадоволство на играчот, сега ескалираше во незапаметен скандал кој ги вклучува шпанските судови, обвинувања за лажирање медицински состојби и вистински хаос во соблекувалната на Диего Симеоне.
Медицински извештај, депресија и одбивање храна
Според информациите кои првично ги објави шпанското радио COPE, Алварез доставил официјален медицински извештај до управата на Атлетико во кој тврди дека страда од „тешка депресија“. Поради оваа наводна дијагноза, тој веќе неколку дена одбива да тренира со остатокот од тимот во тренинг-базата Церо дел Еспино.
Шпанскиот новинар Хуан Хесус отиде чекор понатаму, откривајќи шокантни детали дека ситуацијата на играчот е драматична: „Тој не тренира повеќе од една недела, едвај јаде и има изгубено неколку килограми“. Овој своевиден „штрајк со глад“ предизвика сериозен интерен конфликт, при што претставниците на групацијата „Apollo“ се бесни на мнозинскиот сопственик Гил Марин. Тие го обвинуваат Марин дека се обидува да ја прикрие вистинската состојба со цел да го продаде Аргентинецот во лондонскиот Арсенал.
Судска разрешница како единствен излез
Бидејќи Атлетико Мадрид категорично одбива да преговара со Барселона, на Алварез му преостанува само една, драстична правна опција. Според шпанскиот Кралски декрет 1006 (член 16) кој ги регулира работните односи на професионалните спортисти, играчот може унилатерално да го раскине договорот.
Доколку се одлучи на ваков потег, случајот ќе заврши на суд во Мадрид, каде што судија ќе треба да ја одреди финансиската отштета која Барселона ќе мора да му ја исплати на Атлетико. Ова би значело целосно заобиколување на астрономската откупна клаузула од 490 милиони евра, која судовите редовно ја сметаат за „абузивна“ и несразмерна со неговата бруто плата од 12,5 милиони евра годишно (до 2030 година).
Навреди кон спортот и вистинските пациенти
Сме виделе многу валкани трикови од страна на играчи и нивните агенти за да изнудат трансфер, но ова преминува секоја граница на добриот вкус. Користењето на тешка клиничка депресија како „алатка за уцена“ во фудбалски преговори е апсолутно патетично и претставува директна навреда за сите луѓе кои вистински се борат со проблеми со менталното здравје.
Мултимилионер кој наводно „престанал да јаде“ само затоа што актуелниот клуб не го пушта во ривалскиот табор не е жртва, туку разгалена ѕвезда. Реакциите на фудбалската јавност, која масовно ја исмева оваа шпанска серија, се целосно оправдани. Фудбалот мора да најде начин да ги заштити договорите од вакви срамни манипулации.



