Хеви метал легендата Ози Озборн почина на 22 јули, на 76 годишна возраст, после долга борба со Паркинсовата болест. Но, неговото наследство ги надминува концертните сали и влијанието во рок културата. Озборн беше голем фан на Астон Вила, а со клубот делеше голема врска.
Роден во Астон, Бирмингем, на само неколку улици од Вила Парк, Ози отсекогаш беше горд навивач на Астон Вила. Клубот му оддаде последна почит со емотивна објава:
“Ози Озборн… почина денес. Роден во Астон, веднаш до Вила Парк, Ози секогаш имаше посебна врска со клубот и заедницата од која потекнуваше”.
Како дете, Ози и неговите пријатели заработувале џепарлак миејќи автомобили на денови кога Астон Вила играла дома. Вревата од стадионот и страста за клубот го следеле низ целиот живот. Во неколку интервјуа, тој ја потенцирал таа врска со градот и со Вила како суштинска за неговото формирање.

Во 2024 година, Астон Вила му оддаде признание на Ози и на неговиот колега Гизер Батлер со посебна кампања за новиот дрес. Двајцата се појавија во спот снимен на Вила Парк, каде го споија хеви-металот со фудбалот, онака како што само тие можеа.
Гизер, кој и сам е посветен навивач на Вила, често споделуваше приказни за тоа како звукот од стадионот го инспирирал додека растел, нешто што важеше и за Ози.
Тимот ја користи неговата песна “Crazy Train” за музика кога играчите излегуваат на теренот, покажувајќи како неговото рок наследство се испреплетува со локалната фудбалска култура.
Токму на Вила Парк, стадионот од неговото детство, тој го одржа неодамна и својот последен концерт, на 5 јули 2025 година. КонцертотОзи Озборн Астон Вила беше најавен како концерт “за збогување”, а на сцената му се придружија членовите од “Black Sabbath”, што беше прв нивен заеднички настап после 20 години.

Ози продаде над 100 милиони албуми, беше примeн во Рокенрол Куќата на славните и остави неизбришлив белег и како соло изведувач и како дел од “Black Sabbath”. Но и покрај глобалната слава, никогаш не ја заборави својата Вила.
“Сабат и Вила – двата најголеми извозни производи на Бирмингем”, коментираше еден навивач.
Ози Озборн ќе остане запаметен не само како пионер на хеви-металот, туку и како вистински Вилан, верен на своите корени и на клубот што го носеше во срцето.