Интервју: Емилија Колоска нуди незаборавни спортски искуства во Охрид

 

Објавено:

Спортот не се случува само во големите арени и фудбалски стадиони. Се случува насекаде каде луѓето со голема љубов и пасија го посветуваат своето време да ги инспирираат младите луѓе да практикуваат спорт и да се посветат на здравиот начин на живот. Денес ќе ви раскажеме токму една таква приказна, преку разговорот со младата Охриѓанка Емилија Колоска.

Нашиот бисер со едно од најстарите светски езера, Охрид, нуди многу можности за активен туризам и спортски активности, кои во последните години се препознаени од сè поголем дел од љубителите на спортот, кои се трудат да донесат нови и свежи спортски содржини.

Ако дојдете во Охрид и сте љубител на спортот, не може а да не сте слушнале за Емилија, девојка која дише и живее во духот на спортот, но и на музиката. Токму нејзината приказна нè инспирираше да дознаеме повеќе за активностите кои таа ги спроведува, како што се СУП јога на вода, јога на зајдисонце или во раните утрински часови, фитнес часови…

“Замислете го следново: Во Охрид е рано утро, Охриското Езеро е мирно, а вие веќе го започнувате денот со јога на суп даска, сред бескрајното синило”, ја започнува својата приказна Емилија.

“Изминативе две години, ова е секојдневие за мене во текот на летото. Не можам а да не го замислам животот во Охрид баш вака: на езеро, правејќи го едно од нештата кои најмногу ги уживам. Родена сум во Охрид, па природна ми е оваа поврзаност со водата. Приказната со јога во сопствениот живот ја испишувам веќе неколку години, од неодамна и во улога на јога учител, но повеќе како жена која сака да ги сподели убавините на оваа пракса со заедницата”, истакнува таа.

Ако ве води патот кон Охрид, пробајте овој пат да го доживеете на еден поразличен начин заедно со Емилија и “SUP Club Ohrid“. На мирните води на едно од најкристално чистите езера, мирот и доживувањето на практикување јога се навистина незаборавни и нудат несекојдневно искуство, но и вистински предизвик кој ќе ве извади од комфорт зоната.

Извор: https://www.instagram.com/supclubohrid

“На часовите практикуваме адаптирани седечки и лежечки асани. Секако, за оние кои се пољубопитни, додавам и мали предизвици за баланс. Убавото во суп јогата е дека што и да правиш, водата е под тебе за да те помрдне и да го активира целото тело за да балансираш – па така, и самиот фокус кон праксата во моментот е поизострен. Голем дел од праксата е свртен кон дишењето и присутноста. Практикуваме пранајами, и различни медитации во зависност од типот на практиканти кои се присутни на даден час”, вели Емилија.

Кога летото завршува, спортот се префрла во фитнес центарот “Fitness Factory” каде Емилија нуди часови за интензивни тренинзи.

Пасијата за јогата ја натерала Емилија неодамна да извади и лиценца за инструктор, па таа со своето движење “Move And Flow” организира јога сесии кои се одржуваат на навистина интересни локации, најчесто покрај езерото, кое нуди посебен мир на целото тоа искуство.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Move & Flow (@moveandflow.mk)

Од оваа есен, Емилија започнува уште еден предизвик во својата спортска приказна – отворањето на сопственото јога студио во Охрид, кое ќе биде и прво во овој град каде потребата за спортски содржини се зголемува од година во година. Познавајќи ја веќе долги години, сигурни сме дека студиото ќе биде вистински хит, а уште еднаш ја поздравуваме нејзината одлучност да донесе во овој убав град нешто кое одамна му недостасува.

Покрај спортските активности, ви препорачуваме да посетите и некоја од нејзините музички свирки заедно со бендот “Balter”, каде ќе го слушнете нејзиниот вонсериски моќен вокал.

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено