Александар Исак минатото лето го сруши британскиот трансфер рекорд кога за 125 милиони фунти премина од Њукасл во Ливерпул. По тешката прва сезона одбележана со шокантна скршеница на ногата, шведскиот напаѓач конечно ја пронаоѓа својата препознатлива форма. Во опширно интервју за „Би-Би-Си Спорт“, тој зборуваше за преселбата на „Енфилд“, проблемите со поранешниот клуб и новата ера под водство на Андони Ираола.
Скршени ветувања и преселба без ниту ронка каење
И покрај тоа што првата година во Ливерпул му донесе само три првенствени гола и долга рехабилитација од декември до април поради скршеница на ногата, Исак ниту во еден момент не зажалил за трансферот. Заминувањето од Њукасл било поттикнато од „скршените ветувања“ на раководството, а повикот од „црвените“ дошол како спас.
„Ливерпул е масивен клуб и сè поврзано со него ми ја олесни одлуката. Нивната амбиција и огромната желба да ме доведат во тимот одиграа клучна улога“, изјави Исак. На прашањето дали некогаш зажалил поради тешкиот старт, тој беше дециден: „Не, никогаш. Никогаш не би размислувал така. Повредата беше тешка, но кога ќе се вратиш и се чувствуваш добро, нема зошто да гледаш назад. Сега сум оптимист и возбуден за тоа што ни носи новата сезона“.
Мундијалот како лек за враќање на ритамот
Откако одигра само нешто повеќе од илјада минути за Ливерпул минатата сезона, Светското првенство ова лето дојде во совршен момент за 26-годишниот напаѓач. Играјќи за Шведска под водство на Греам Потер, Исак забележа еден гол и три асистенции пред елиминацијата од Франција.
„Да играш за својата земја на Светско првенство е сон на повеќето луѓе. Со оглед на повредите минатата сезона, Мундијалот беше перфектен за мене. Добив период во кој можев да играм, да влезам во ритам и да ја вратам формата пред подготовките за новата сезона со клубот“, објасни Швеѓанецот.
Филозофијата на Ираола и одбраната како напаѓачко оружје
Оваа сезона Исак делува препородено. Тој веќе го израмни својот учинок од лани, постигнувајќи три гола на само четири натпревари. Голема заслуга за тоа има новиот менаџер Андони Ираола, кој летово го наследи Арне Слот и веднаш имплементираше високоинтензивен фудбал (Ливерпул има најмногу спринтови во Премиер лигата сезонава).
„Тој бара од мене да играм одбрана, но да бранам во позиции од кои штом ќе ја освоиме топката, можеме брзо да тргнеме во контранапад. Ми рече ‘давај голови’, но инсистира на дефанзива бидејќи начинот на кој се браниме всушност е нашето најголемо напаѓачко оружје“, открива Исак.
Иако стигна до бројката од 60 голови во Премиер лигата (најмногу во сезоната 2024/25 кога даде 23 за Њукасл), Исак не се оптоварува со лична статистика. Неговата единствена цел сега е да донесе трофеи на „Енфилд“.
Целото интервју можете да го погледнете тука:



