Александар Исак повторно на терените на Реал Сосиедад, но не како играч на баскискиот клуб. Барем не засега. Шведскиот напаѓач индивидуално тренира во Зубиета, тренинг-центарот на неговиот поранешен клуб, додека неговата иднина во Њукасл станува сè понеизвесна, пренесува “The Athletic”.
Додека остатокот од тимот на Еди Хау е на азиската турнеја, Исак остана во Европа. Официјалното образложение е “мала повреда на бутниот мускул”, но според извори блиски до клубот, самиот играч ја изразил желбата да не патува што дополнително ги поттикна шпекулациите за потенцијален трансфер.
Њукасл упорно тврди дека Исак не е на продажба и сака да го задржи својот најдобар играч со нов и подобрен договор. Но зад сцената, клубот активно разгледува алтернативи. По неуспешниот обид да го ангажираат Уго Екитике (сега играч на Ливерпул), нивната следна мета беше Бенјамин Сешко, кој пак е приоритет на Манчестер Јунајтед. Се споменува и Јоане Виса од Брентфорд како опција.

Ливерпул, од своја страна, веќе испратил сигнали до Њукасл за интересот околу Исак. Англиските медиуми пренесуваат дека цената за потенцијален трансфер би можела да достигне 120 милиони фунти. Сè уште нема официјална понуда, но неизвесноста расте.
Интересен е и самиот избор на Исак, да се врати и да тренира таму каде што неговата кариера доби замав. Реал Сосиедад му е добро познат амбиент, далеку од вниманието на јавноста и од потенцијалната медиумска бура околу трансферот. Иако изгледа како дистанцирање од Њукасл, клубот сè уште не го осудува неговиот потег, оставајќи простор за негова повторна интеграција.
За сега, Исак молчи. Тој нема официјално изјавено ништо за својата ситуација, а во фудбалот, тишината често зборува најмногу.



