Најдобриот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, денеска постави нов, неверојатен јубилеј во својата богата кариера. Со победата од 3-0 (6-2, 6-4, 6-2) над Холанѓанецот Ботик ван де Зандсхулп на Австралијан Опен, српскиот ас стана првиот маж во историјата на тенисот кој стигнал до магичната бројка од 400 победи на најголемите Грен слем турнири.
Недопирлив на врвот
Со овој триумф, 38-годишниот Србин дополнително ја зацврсти својата позиција како лидер на вечната листа. Ѓоковиќ сега има дури 31 победа повеќе од легендарниот Роџер Федерер, кој останува на втората позиција со 369 победи, додека Рафаел Надал е трет со 314 триумфи.
Овој успех е само уште една потврда за неверојатната долговечност и константност на Ѓоковиќ, кој повеќе од две децении доминира на најголемата сцена. Покрај рекордот по вкупни победи, Новак со денешниот пласман во осминафиналето се израмни и со рекордот на Федерер по бројот на победи на самиот Австралијан Опен.
Symphony No. 400 in D Major 👀💯@wwos • @espn • @tntsports • @wowowtennis • #AO26 pic.twitter.com/vaqBK3jFeN
— #AusOpen (@AustralianOpen) January 24, 2026
Најмногу победи на Грен слем турнирите (Топ 5):
| Тенисер | Победи – Порази |
| 1. Новак Ѓоковиќ | 400 – 55 |
| 2. Роџер Федерер | 369 – 60 |
| 3. Рафаел Надал | 314 – 44 |
| 4. Џими Конорс | 233 – 49 |
| 5. Андре Агаси | 224 – 53 |
Ѓоковиќ изгледаше супериорно на теренот против Ван де Зандсхулп, не дозволувајќи му на противникот ниту во еден момент да се понадева на изненадување. Неговиот фокус сега е целосно насочен кон освојување на неговата 11-та титула во Мелбурн, со што би стигнал до вкупно 25 Грен слем трофеи.



