По Арсенал, денес го продолжуваме нашиот серијал на статии посветени на потеклото и историјата на клубовите кои играат во Премиер лигата со еден клуб кој имал можеби најголемо влијание врз модерниот фудбал од сите кои ќе се најдат во овој серијал. Ова е приказната за Астон Вила.
Астон Вила: Клубот кој ја роди англиската фудбалска лига
Секоја добра приказна во англискиот фудбал почнува со малку случајност и многу страст. За Астон Вила, сè започнува во Бирмингем во 1874 година. Но, не на стадион, туку во капела.
Група господа од часовите по веронаука во Капелата Веслијан, која се наоѓа на Вила Крос барале што да прават во зимските месеци, кога нивниот летен спорт, крикетот, бил во мирување. Некој предложил рагби, но една легендарна ноќ, под сјајот на улична ламба на Хитфилд Роуд, одлучиле поинаку: ќе играат фудбал.
И така, од едноставен разговор меѓу верници, се родил еден од најстарите и највлијателни клубови во Англија.
Неколку години подоцна, во клубот пристигнува човек кој нема да го промени само клубот, туку и целиот англиски фудбал – Вилијам МекГрегор, шкотски трговец со ткаенини, кој се преселил во Мидлендс во 1870 година.
Тој не бил меѓу основачите, но станал дел од клубскиот комитет во 1877 и негов претседател во 1880 година. МекГрегор бил човек што гледал подалеку од следната неделна утакмица. Разбрал дека ако фудбалот сака да стане вистински спорт, потребно му е нешто повеќе од повремени “пријателски” натпревари.
“Секоја година станува сè потешко клубовите да најдат соодветни противници и да организираат натпревари”, напишал во писмо до другите клубови. Од таа идеја, од едно обично писмо, во 1888 година се родила Фудбалската лига.
Астон Вила не е само тим со славна историја и еден од најстарите клубови во Англија, туку клубот што ја постави основата на модерниот фудбал. Клуб чија историја почнува со вера, пријателство и случаен разговор под ламба, а завршува со создавање на систем што и денес управува со најгледаниот спорт во светот.
Затоа, следниот пат кога ќе слушнете за Астон Вила, сетете се дека го гледате клубот без кој денес можеби воопшто немаше да постои Премиер лигата.