Продолжуваме со нашиот серијал и претставувањето на овогодишните повратници во Премиер лигата. Овој пат во фокусот се популарните „Тигри“ од Јоркшир – екипата на Хал Сити.
Приказната за Хал Сити започнува во 1904 година во град каде што рагбито било апсолутен владетел. Клубот првично започнал како Хал Кометс, пред да се трансформира во Хал Сити и да добие професионален статус. Бидејќи биле формирани предоцна за да аплицираат за влез во Фудбалската лига, нивната прва сезона се состоела исклучиво од пријателски натпревари против клубови од северот и Источен Мидлендс.

Стадионска вртелешка и борба за опстанок
Своите први натпревари ги играле на „Булевард“ (The Boulevard), домот на рагби клубот Хал. Но, рагби федерацијата набрзо забранила фудбалскиот клуб да наплаќа влезници, па Хал Сити морал да се пресели на крикет-теренот „Сркл“ (The Circle) на улицата Енлаби Роуд (Anlaby Road), пред да се сместат на соседен, вистински фудбалски терен. Овој мал и тесен простор успеале да го развијат до тој степен што во март 1930 година привлекле рекордни 32.930 гледачи за натпревар од шесттата рунда во ФА Купот.

Сепак, клубот постојано планирал преселба поради најавените железнички проекти. Со заем од 3.000 фунти од Фудбалската асоцијација, купиле земјиште малку појужно (поранешен терен за голф) со цел да го изградат „Бутфери Парк“ (Boothferry Park). Но, поради недостиг на финансии и почетокот на Втората светска војна, изградбата запрела. Откако во 1943 година им истекол закупот на стариот стадион, тие привремено се вратиле на „Булевард“, а набрзо клубот морал и целосно да згасне на една година. Оваа принудна пауза всушност им помогнала конечно да го довршат „Бутфери Парк“, кој станал нивен дом од 1946 до декември 2002 година, кога се преселиле на модерниот КЦ Стадион – изграден речиси на истата локација како нивниот прв фудбалски дом на Енлаби Роуд.

Од бледо-сини дресови до „Тигрите“
Иако денес се синоним за килибарно-жолтата и црната боја, Хал Сити на својот прв натпревар во 1904 година (против Нотс Каунти) настапил во целосно бели дресови, црни шорцеви и црни чорапи.
Првиот прекар на клубот бил „Граѓаните“ (The Citizens или Cits). Но, бидејќи двата локални рагби тима имале животински прекари, еден новинар од локалниот весник „Hull Daily Mail“ во март 1905 година предложил фудбалерите да го следат тој тренд. Така се родиле славните „Тигри“ (The Tigers).
Интересно е што по Втората светска војна, управата се обидела да воведе портокалови дресови со сини детали, инспирирани од градскиот грб. Но, бидејќи државната трговска комора одбила да ги одобри потребните бои за ткаенината поради рестрикции, тимот морал да игра во бледо-сини дресови. Навивачите жестоко се побуниле, па следното лето клубот се вратил на традицијата со килибарни дресови со мотив на глава од тигар. Низ годините имало разни експерименти, како црвените чорапи во 80-тите (според претседателот Дон Робинсон, црвената боја ја симболизирала крвта што играчите биле подготвени да ја пролеат) и култните дресови со вистински тигрести шари од раните 90-ти.

Трите круни и историскиот грб
Грбот на Хал Сити крие длабока историја. Трите круни се преземени од официјалниот грб на градот Кингстон-апон-Хал. Иако потеклото не е целосно јасно, се верува дека тие го претставуваат кралот Едвард I, кој го основал градот, или пак се симбол на „Трите крала од Истокот“, заштитници на средновековните трговци кои некогаш оперирале низ Европа. Низ годините се користеле различни варијации на глави од тигар, сè до 1999 година кога студентот Џејмс Хинчлиф дизајнирал нов грб кој ги споил тигарот, локалниот мост Хамбер и трите историски круни.

Најголемата победа и една божиќна честитка
Една од најслатките анегдоти во историјата на Хал Сити не доаѓа од првенствен меч, туку од една пријателска средба. Во тоа време, унгарскиот гигант Вашаш важел за непобедлив тим. На своите турнеи низ Англија, тие ги демолирале Тотенхем со седум гола и Шефилд Венсдеј со шест, по што Вулверхемптон (тогаш еден од најсилните тимови) во паника го откажал својот натпревар против нив вадејќи се на повреди.
Хал Сити, кој во тој момент бил на самото дно во Втората дивизија, храбро изјавил: „Ние ќе играме!“. Официјалните лица на Вашаш пристигнале на величествениот „Бутфери Парк“ и мечот бил закажан. Пред 13.889 гледачи, Хал направил невидена сензација победувајќи ги големите Унгарци со 3-1. За да го овековечи овој незаборавен триумф, клубот таа година испратил уникатна божиќна честитка – карикатура од насмеан тигар кој ја држи шепата врз коска на која пишува „Вашаш“.



