Селекторот на македонската А-репрезентација, Гоце Седлоски, го објави списокот со 27 фудбалери на кои ќе смета за претстојните пријателски натпревари на гостински терен. Македонија најпрво на 29 мај ќе ги одмери силите со Босна и Херцеговина во Сараево, а на 1 јуни ќе гостува во Истанбул против селекцијата на Турција.
Седлоски реши значително да го промеша составот и да им даде шанса на нови сили, повикувајќи дури петмина дебитанти. Сепак, едно име веднаш предизвика бура од реакции во домашната спортска јавност.
Стари познаници: Омерагиќ од капитен на Вардар до А-тимот!
Најмногу внимание и коментари во фудбалските кулоари дефинитивно предизвика повикот за напаѓачот и капитен на Вардар, Азер Омерагиќ. Зад неговиот прв повик во сениорскиот национален тим стои добро позната историја на соработка со актуелниот селектор.
Омерагиќ е син на претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), а јавноста добро памети дека токму Гоце Седлоски, во периодот додека беше шеф на стручниот штаб на Вардар, донесе одлука да му ја додели капитенската лента на младиот напаѓач кај „црвено-црните“. Сега, нивната блиска соработка добива нова, репрезентативна надградба, што сигурно ќе го стави Омерагиќ под дополнителен притисок и лупа на јавноста за време на претстојната акција.
Покрај него, за првпат во националниот дрес се повикани уште четворица фудбалери: дефанзивецот на романска УТА Арад, Дин Аломеровиќ, десниот бек на Вардар, Георгије Јанкулов, како и играчите од средниот ред на Силекс, Дарко Анѓелески и Дарко Додев.
Проблеми со повреди и клупски обврски
Седлоски се соочува со сериозни проблеми околу составувањето на тимот, бидејќи поради повреди надвор од комбинација се Љупче Дориев, Лука Станковски, Егзон Бејтулаи, Марио Илиевски и Димитар Митровски. Поради тековни клупски обврски, двата натпревари ќе ги пропуштат и Тихомир Костадинов и Андреј Стојчевски.
Комплетниот список на повикани фудбалери:
- ГОЛМАНИ: Столе Димитриевски (Валенсија), Дамјан Шишковски (Борац Бања Лука), Давор Талески (Вардар);
- ОДБРАНА: Ѓоко Зајков (Ајман), Висар Муслиу (Ст. Труден), Никола Серафимов (Левски), Дин Аломеровиќ (УТА Арад), Езѓан Алиоски (Лугано), Јован Манев (Нови Пазар), Имран Фетаи (Шкендија), Себастијан Ерера (Борац Бања Лука), Стефан Деспотовски (ОФК Београд), Дарко Велковски (Вардар), Георгије Јанкулов (Вардар);
- СРЕДЕН РЕД: Елиф Елмас (Наполи), Енис Барди (Коњаспор), Бобан Николов (Вардар), Јани Атанасов (АЕЛ Лариса), Агон Елези (Сараево), Сефер Емини (Сондерјиске), Дарко Анѓелески (Силекс), Дарко Додев (Силекс);
- НАПАД: Бојан Миовски (Глазгов Ренџерс), Дарко Чурлинов (Коџаели), Elmin Растодер (Тун), Азер Омерагиќ (Вардар), Милан Ристовски (Бохемијанс).
Собирот на репрезентацијата е закажан за 25 мај во хотелот „Хилтон“ во Скопје, каде што ќе започнат официјалните подготовки пред заминувањето за Сараево.



