После одлично извозен круг во квалификациите за Големата награда на Унгарија, возачот на Ферари Шарл Леклер дојде до својата прва пол-позиција сезонава.
Ова е големо изненадување на патеката која е славна по тоа што ни има донесено многу такви моменти низ годините, а овој пат тоа доаѓа во форма на радост за фановите на Ферари.
Шарл Леклер ја освои пол-позицијата на драматичниот крај од квалификациите за Големата Награда на Унгарија, постигнувајќи блескаво време во последните моменти од Q3 и оставајќи ги двата болида на Мекларен зад себе.

Иако дождот се закани да ја искомплицира сесијата уште во Q2, Леклер успеа да се адаптира на влошените услови и на последниот летечки круг запиша време од 1:15.372, кое беше доволно да го победи Оскар Пијастри за неколку илјадити делови од секундата, додека Ландо Норис мораше да се задоволи со третото место.
Времето и ветерот дополнително ги отежнаа условите на патеката, но Џорџ Расел се снајде одлично и го постави својот Мерцедес на четвртата позиција. Астон Мартин пак, продолжи со силното темпо од тренинзите, па Фернандо Алонсо и Ленс Строл се пласираа на петтото и шестото место.
A magical moment ✨ Charles Leclerc takes pole 💪#F1 #HungarianGP pic.twitter.com/MH50YnsLRb
— Formula 1 (@F1) August 2, 2025
Но вистинското изненадување дојде од страна на Кик Саубер, откако Габриел Бортолето, возачот од Бразил, стигна до седмата позиција, успевајќи да го надмине дури и актуелниот четирикратен светски шампион Макс Ферстапен, кој имаше проблематична сесија и заврши како осми.
Со ваков распоред на стартната решетка, неделната трка ветува вистински спектакл на “Хунгароринг”. Дали Леклер конечно ќе ја претвори пол-позицијата во победа? Или пак Мекларен ќе го најде својот момент? Останува да видиме.




