По бројните критики за организацијата на Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ) во Скопје, со свој остар и директен коментар се огласи тренерот на олимпиецот Дарио Ивановски, Игор Јакимовски. Како директен учесник и на ЛОИ Париз 2024 и на ЕМОФ Скопје 2025, тој направи брутално искрена споредба помеѓу двата настана, со цел да ја прикаже, како што вели, вистинската слика.
Вистината за Париз: Картонски кревети, заразена Сена и медали без позлата
Според Јакимовски, организацијата на Олимпијадата во Париз била далеку од совршена. Тој посочи неколку шокантни примери:
- Сместување: Спортистите спиеле на картонски кревети, а сите биле сместени “на купче” во еден апартман.
- Услови: Поради неподносливите горештини, организаторите им рекле на делегациите сами да си купат клими.
- Скандали: Поради пливање во нечистата река Сена, половина од триатлонците добиле дијареја и кожни инфекции, а на дел од медалите им паднала позлатата.
Споредбата со Скопје и критиката кон домашната јавност
Јакимовски ги спореди овие огромни проблеми со “скандалите” во Скопје.
“Во Скопје беше проблем што две возрасни лица требаше да престојуваат во соба со ‘кинг сајз’ кревет. Патем, креветите во Скопје не беа од пресуван картон како во Париз”, иронично истакнува тој. “Кај нас главна тема беше падната педа гипс-картон и скршен капак на ВЦ шолја.”
Тој заклучува дека најголемата разлика е во менталитетот. “Во Франција сите си ја фалеа својата земја, додека пак овде се натпреваруваат кој повеќе – ќе ја исплука. Во тој спорт сите сме апсолутни шампиони. И, затоа Париз е Париз, а Скопје е Скопје, мое Македонче”, со револт заклучува тренерот.
Целиот детален осврт на Игор Јакимовски можете да го прочитате тука: линк до оргиналниот напис