Никола Јокиќ не мораше ни да го одигра последниот период, толку убедлив беше Денвер. Со 26 поени, девет скокови и девет асистенции, српскиот центар го предводеше шампионот до победа од 129–104 против Голден Стејт, продолжувајќи ја својата неверојатна серија на почетокот на сезоната. Јокиќ веќе има пет трипл-дабл учиноци, а против Вориорс буквално диригираше со секоја акција.
„Џокерот“ повторно изгледаше како човек што ја чита играта неколку чекори пред сите други – асистенции зад грб, прецизни додавања под кош, совршено темпо. Џамал Мари додаде 23 поени, а Денвер останува непоразен дома (5–0).
Кај Голден Стејт повторно го немаше Стеф Кари поради вирус, а без него „воините“ изгледаа безидејно. Дрејмонд Грин постигна 17, Џими Батлер (кој повторно се врати по повреда) 16, но тоа беше далеку од доволно за да се спротивстават на шампионот кој игра како добро подмачкана машина.
Грчкиот феномен повторно неуморен: Јанис со 41 поен и речиси трипл-дабл
Милвоки го отвори својот настап во НБА Купот со победа од 126–110 над Чикаго. Јанис Антетокумпо беше недопирлив со 41 поен, 15 скокови и 9 асистенции. Во последната четвртина сам го „реши“ мечот со 19 поени, и покрај тоа што му падна прецизноста (16/32 од поле).
Мајлс Тарнер постигна 23 поени за „баксите“, а Ролинс додаде 20. Кај Чикаго најдобар беше Матас Бузелис со 20 поени и 8 скокови, додека Џош Гиди (со 16 поени и 14 асистенции) го продолжи својот мини-блесок, што е трета последователна партија со двоцифрени асистенции.
Магија во Орландо: Меџик го сруши шампионот од Исток
Орландо го совлада Бостон со 123–110, благодарение на 27 поени на Франц Вагнер и 22 поени со 7 асистенции на Дезмонд Бејн. Џејлен Браун беше единственот што го држеше Бостон во игра со 32 поени, но трите тројки на Вагнер и Тристан да Силва во финишот беа доволни за сензационален триумф.
Џа Морант и Мемфис конечно „пукаат“, падна и Далас
Мемфис ја прекина низата од четири порази со победа над Далас од 118–104, предводен од Џа Морант и новајлијата Седрик Ковард со по 21 поен. Морант додаде и 13 асистенции, докажувајќи дека, иако тимот се мачи, неговиот лидерски инстинкт не згаснува.
Голема ноќ и за Едвардс: Минесота ја уништи Јута
Ентони Едвардс постигна 37 поен (7/12 за тројка), а Џулиус Рендл имаше нов трипл-дабл (19 поени, 10 скокови, 12 асистенции) во убедливата победа на Тимбервулвс над Јута од 137–97.
Останати резултати:
- Сан Антонио 121–110 Хјустон – Барнс со 24 поени, Вембањама и Шампани со по 22.
- Кливленд 148–114 Вашингтон – Мичел и Гарланд непогрешливи, „Кавалирс“ со 148 поени, само еден помалку од рекордот на франшизата.
- Торонто 109–97 Атланта – Имануел Квикли и Скотие Барнс го предводеа кам-бекот.
- Детроит 125–107 Бруклин – Кејд Канингем блеска со 34 поени и 10 асистенции, петта победа во низа за Пистонс.
- Мајами 126–108 Шарлот – Хит поставија рекорд со 53 поени во првата четвртина.
- Оклахома Сити 132–101 Сакраменто – Ајзеа Хартенштајн со 33 поени и 19 скокови, Шеј Гилџиус-Александер со 30.



