Јокиќ тешко го повреди коленото, Денвер во паника!

Објавено:

Никола Јокиќ ја играше една од своите најдобри партии сезонава против Мајами, постигнувајќи 21 поен, 8 асистенции и 5 скока за само едно полувреме. Но, на три секунди пред паузата, една несреќна ситуација со соиграчот Спенсер Џонс предизвика вистински кошмар за тимот од Колорадо.

Несреќен судир и болен пад

Додека се обидуваше да му помогне на Џонс во одбраната, соиграчот случајно згазна врз стапалото на Јокиќ, по што левото колено на Србинот се изви на неприроден начин. Јокиќ веднаш падна на паркетот држејќи се за ногата со болна гримаса, а по неколку минути успеа да отиде до соблекувалната, но со видливо куцање. Нагетс веднаш потврдија дека тој нема да се врати во игра, а Мајами ја искористи неговата отсутност за убедлив триумф од 147-123.

Тренерот Аделман: „Тој веднаш знаеше дека не е добро“

Тренерот на Денвер, Дејвид Аделман, по натпреварот не го криеше разочарувањето и загриженоста.

„Веднаш знаеше дека нешто не е во ред. Страшно е кога некој ќе се повреди, а особено кога станува збор за некој толку посебен како него. Во моментов сум позагрижен за него како личност, отколку за тимот. Се надеваме на најдоброто“, изјави Аделман.

Се чекаат резултатите од магнетната резонанца

Јокиќ денеска ќе биде подложен на детални прегледи и магнетна резонанца кои ќе го одредат степенот на оштетување на коленото. Со оглед на тоа што тој е „моторот“ на тимот со просек од 29.9 поени, 12.4 скока и 11.1 асистенции, неговото евентуално долго отсуство би било фатално за амбициите на Денвер, кој веќе игра без Арон Гордон и Кристијан Браун.

Јокиќ е познат по својата издржливост (ги одигра сите 32 натпревари сезонава досега), па целата НБА лига се надева дека повредата не е од најтешка природа и дека МВП кандидатот брзо ќе се врати на терените.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено