Њукасл е на чекор до комплетирање на еден од најголемите трансфери ова лето, а во центарот на вниманието е крилниот напаѓач на Нотингем Форест, Ентони Еланга. Според информациите на угледниот новинар Мартин Харди, Њукасл доставил понуда од 55 милиони фунти која се очекува да биде прифатена, додека трансфер-гуруто Фабрицио Романо потврди дека преговорите се во напредна фаза и дека клубот е оптимист за конечен договор.
Овој трансфер е кулминација на неверојатниот подем на Еланга, кој откако беше отпишан и продаден од Манчестер Јунајтед, се претвори во еден од најдобрите и најконстантни крилни играчи во Премиер лигата.
Кралот на асистенциите во Премиер лигата
Огромната сума што Њукасл е подготвен да ја плати е целосно оправдана со неверојатните перформанси на Швеѓанецот. Во последните две сезони, само две фудбалски ѕвезди – Мохамед Салах (28) и Оли Воткинс (21) – имаат забележано повеќе асистенции од Ентони Еланга (20).
Минатата сезона, тој беше вистински „мотор“ за Нотингем Форест, забележувајќи 6 гола и 11 асистенции во Премиер лигата, со што беше еден од најдобрите асистенти во целото натпреварување.
Интересната животна приказна
Ентони Еланга има интересна животна приказна. Тој е син на поранешниот камерунски репрезентативец, Џозеф Еланга, а е роден во Малме, Шведска, додека неговиот татко настапувал за тамошниот клуб. Иако имал право на настап за три репрезентации – Камерун (поради татко му), Англија (каде што пораснал) и Шведска (каде што е роден) – Еланга на крајот се одлучи да го носи дресот на Шведска.
Фудбалските почетоци ги направил во академијата на Малме, пред на 12-годишна возраст да се пресели во престижната академија на Манчестер Јунајтед. Таму важеше за огромен талент, ја освои и наградата за најдобар млад играч на клубот во 2020 година и имаше блескави моменти, како гол на своето деби во стартниот состав и гол во Лигата на шампионите против Атлетико Мадрид.
Сепак, тој не успеа целосно да се наметне на “Олд Трафорд”, по што во 2023 година направи трансфер во Нотингем Форест, каде што целосно “експлодираше”.
Интересно, од овој трансфер ќе профитира и Манчестер Јунајтед. Според договорот, тие имаат клаузула од 15% од следната продажба, што значи дека на нивната сметка ќе легнат околу 8.25 милиони фунти.
Со овој потег, Њукасл добива докажан играч, кој со својата брзина и креативност се очекува да биде огромно засилување за тимот во борбата за врвот на Премиер лигата.