Ако мислевте дека Манчестер Јунајтед не може да биде поголем циркус, размислете повторно. По отказот на Рубен Аморим, англиските медиуми веќе шпекулираат за сензационално враќање на старите познаници. Според извори на ESPN, раководството на клубот веќе стапило во контакт со две легенди, Оле Гунар Солскјер и Мајкл Карик!
Враќање во иднината (или минатото?)
Изворите за ESPN тврдат дека се одржани „рани неформални разговори“ за потенцијален ангажман како привремен менаџер до крајот на сезоната. Омар Берада и Џејсон Вилкокс бараат искусен човек кој ќе ја смири соблекувалната пред летото, кога се планира назначување на трајно решение.
Солскјер е слободен откако доби отказ од Бешикташ во август, додека Карик е без ангажман по заминувањето од Мидлсброу минатото лето. Двајцата веќе имаат искуство на „жешкото столче“ на Олд Трафорд.
А Руд ван Нистелрој?
Во игра е и Руд ван Нистелрој. И тој се разгледува како опција, иако веќе имаше кратка епизода како привремен тренер минатата сезона помеѓу Ерик тен Хаг и Аморим. Единствениот кој (засега) е поштеден од овој хаос е Вејн Руни, кој според ESPN не бил контактиран.
Додека се крчкаат овие планови, тимот привремено го води Дарен Флечер.
Останува да видиме дали Јунајтед ќе се врати на „старите љубови“ или ќе бара спас на друго место.



