Додека претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, триумфално го слави новото Светско клупско првенство како почеток на “златна ера”, во фудбалските кулоари низ Европа се поставува едно прашање: “Каде е Александар Чеферин?”. Во детална анализа на угледниот британски весник “The Independent”, се истражува како претседателот на УЕФА и неговата организација изгледаат немоќни и отсутни во моментот кога ФИФА прави агресивен обид да ја преземе доминацијата во светскиот клупски фудбал.
Ова не е само обична борба, ова е “студена војна” за моќ, влијание и, на крајот, за душата на фудбалот.
Тивката капитулација на УЕФА
Според написот, отсуството на Чеферин е и физичко и стратешко. Тој присуствувал на само еден натпревар на женското ЕУРО, а воопшто не се појавил ниту на У21 Европското првенство, ниту на Светското клупско првенство во САД.
Оваа пасивност е највидлива во однос на новото натпреварување на ФИФА. Многу европски клупски директори веќе го гледаат Светското клупско првенство како “Суперлигата што не успеа во 2021, но овојпат со благослов од институциите”. Големите клубови, кои порано гледаа на ФИФА со презир, сега се во директен бизнис со неа, а Европската асоцијација на клубови (ЕЦА) ја продлабочи својата соработка со Инфантино, оддалечувајќи се од Чеферин.
Најголемиот доказ за слабоста на УЕФА, според “The Independent”, е инцидентот од мај, кога претставниците на УЕФА демонстративно го напуштија конгресот на ФИФА во Парагвај поради доцнењето на Инфантино. Но, само пет дена подоцна, УЕФА издаде бизарно соопштение во кое ја пофали “силната и респектибилна соработка со ФИФА, изградена на взаемна доверба”. “Никој не верува во ова”, се вели во текстот.
Кругот на лојалните и наградувањето со турнири
Анализата на “The Independent” навлегува и во внатрешната политика на УЕФА, тврдејќи дека по осум години на функција, Чеферин се опкружил со “yes-men” (луѓе што само климаат со главата) и дека не реагира добро на мислења спротивни на неговите.
Во тој круг на лојалисти се споменуваат имиња како Зоран Лаковиќ од Србија, Габриеле Гравина од Италија, Арман Дука од Албанија, Шандор Чањи од Унгарија и други.
Она што е особено интересно е шаблонот на доделување на големи натпреварувања. Италија, чиј претставник Гравина е висок потпретседател, го доби ЕУРО 2032. Унгарија, на чело со Чањи, го доби финалето на Лигата на шампионите во 2026 година. Албанија, на чело со Дука, го доби финалето на Конференциската лига во 2022 и У17 Европското првенство во 2025. Турција, исто така, доби неколку големи настани.
Прогонот на критичарите: Случајот “Бобан”
Последица на ваквата внатрешна култура е отстранувањето на сите критички гласови. Угледни фудбалски работници како поранешниот директор на Манчестер Јунајтед, Дејвид Гил, и хрватската легенда Звонимир Бобан, кои отворено му се спротивставувале на Чеферин, биле “отфрлени настрана”. Заминувањето на Бобан од позицијата во УЕФА се смета за огромна загуба на стручност и интегритет.
На крајот, заклучокот на “The Independent” е загрижувачки. Додека ФИФА агресивно се шири, УЕФА изгледа како да е во негирање, политички изолирана и преокупирана со внатрешни игри. Прашањето е дали оваа пасивност ќе доведе до тоа Лигата на шампионите да го изгуби својот статус на најпрестижно клупско натпреварување во светот.




