Формула 1 отсекогаш била спорт кој се води на два фронта: на самиот асфалт и зад затворените врати во канцелариите. Откако Мерцедес имаше речиси совршен старт во новата ера на правила за 2026 година, со две врзани победи на Џорџ Расел и Кими Антонели (во Австралија и Кина), јасно е кој е тимот што треба да биде победен.
Но, тимскиот шеф Тото Волф е свесен дека ривалите нема да седат со скрстени раце. По триумфот во Шангај, тој отворено порача: „Имаме добар болид способен за победи, но да видиме какви политички ножеви ќе бидат извадени во следните недели и месеци.“
Доколку конкуренцијата не може да го стигне Мерцедес на патеката, ќе се обиде да го забави преку правилата. Ова се трите клучни „воени зони“ каде што се кршат копјата во падокот:
1. Односот на компресија и „ADUO“ правилото
Во текот на зимата, Мерцедес маестрално го искористи правилото за односот на компресија од 16:1. Бидејќи ФИА го мереше овој лимит само кога моторот е ладен, Мерцедес најде начин да користи повисока компресија кога моторот ќе ја постигне работната температура. Под притисок на ривалите, ФИА најави дека од 1-ви јуни мерењата ќе се прават и на топол и на ладен мотор.
Иако Мерцедес тврди дека ова нема да ги забави, вистинската опасност лежи во ADUO (Дополнителни можности за развој). Ова правило им дозволува на производителите кои заостануваат повеќе од 2% зад најдобриот мотор, да добијат вонредна шанса за развој. Стравувањата во Мерцедес се дека ривалите ќе го искористат ова за едноставно да го ископираат нивниот трик со компресијата.
2. Проблемот со стартовите и инаетот на Ферари
Новите болиди за 2026 година се покажаа како исклучително тешки за стартување, бидејќи им треба многу време да го наполнат турбото. Поради ова, ФИА го продолжи времето за стартна процедура за пет секунди.
Но, тука главен политички играч е Ферари. Шефот на Скудерија, Фред Васер, свесно го жртвуваше дизајнот и направи помало турбо кое полесно стартува, обезбедувајќи му на Ферари огромна предност при тргнувањето. Сега, кога другите тимови (со поголеми турбо полначи) се жалат и бараат нови олеснувања од ФИА, Васер жестоко се противи. Тој смета дека е неправедно ФИА да им помага на оние кои не знаеле како да направат болид според правилата, бришејќи ја единствената вистинска предност на Ферари во моментов.
3. Менаџирање со електричната енергија
Најголемата битка допрва претстои. По трката во Јапонија (Сузука), техничките директори ќе имаат клучен состанок за евентуални промени во менаџирањето со енергијата, кои би стапиле на сила од трката во Мајами.
Екипите кои имаат проблем со собирањето енергија (како Мекларен) лобираат за дозволување на максимален „супер клипинг“ од 350kW. Други, пак, бараат зголемување на протокот на гориво за моторот со внатрешно согорување да ѝ помогне на батеријата. Секој предлог е всушност „Тројански коњ“ , секој тим лобира за промена која ќе ја маскира неговата слабост, а истовремено ќе го забави Мерцедес.
Како што одминува сезоната, битките зад затворени врати ќе станат подеднакво немилосрдни како и оние на првиот свијок. Мерцедес моментално го има тронот, но сите останати се здружени во мисијата да ги променат правилата на игра.



