Од порака до пријател пред шест недели во која вели “ќе одам да се пробам на турнирот во Шангај”, до кревање на трофејот во финалето кое го одигра со својот братучед, приказната на Валентин Вашеро ги освои фановите на тенисот ширум светот.
Двајцата роднини уште вчера беа емотивни со влезот во за нив првото финале на еден Мастерс 1000 турнир, а патот на двајцата до таму е нешто за што долго ќе се зборува во тениската заедница. Победувајќи ги далеку подобро рангираните ривали, фаворитите и искусните тенисери, двајцата братучеди се најдоа во финалето денес кое за нив значеше многу.
После вчерашната победа во полуфиналето, Риндеркнеч изјави: “Ниту еден човек на планетава Земја немаше да го предвиди ова… Утре ќе пробаме да се забавуваме како кога имавме 12 години и ќе има двајца победници, без губитници”.
И така и беше, Риндеркнеч го доби првиот сет со 6-4, но Вашеро се врати во игра и со одличен сервис успеа да го добие вториот со 6-3, по што влегоа во одлучувачкиот трет сет. Вашеро на крајот го доби и него со 6-3, по што во неверување и солзи се прегрна со својот роднина.
The moment Valentin Vacherot became the 1st man from Monaco to win a Masters singles title
From alternate to qualifier to beating Bublik, Rune, & Djokovic… to hugging his own cousin at the very end
One of the best sports stories you’ll ever hear
🇲🇨🥹
— The Tennis Letter (@TheTennisLetter) October 12, 2025
Тој со оваа победа на Мастерс 1000 турнир стана најниско рангираниот тенисер кој некогаш станал шампион на ваков турнир. Сега со новоосвоените поени, тој ќе рипне од 204-то на неверојатното 40 место.
“Кога слета во Шангај, не знаеше дали ќе бидеш во можност да играш на турнирот. Сега стоиш тука како победник… каква е емоцијата?”, го праша новинарот, алудирајќи на тоа дека Вашеро пристигна во Шангај уште во септември за да игра на квалификацискиот турнир за влез во главната конкуренција. Оттогаш – 9 натпревари, 9 победи. Скоро неверојатно, но сепак вистинито. Неверојатна приказна за тенисер кој пристигна како замена за квалификант, до победа над Бублиќ, Руне и Ѓоковиќ… до прегратка со својот братучед во финалето.
“Само солзи… Неверојатно е ова што се случи. Немам појма што се случува во моментов. Не сум во сон. Ова е едноставно лудо. Многу сум среќен со мојата игра во последниве две недели. Сакам да им се заблагодарам на сите кои имале некаков удел во мојата кариера уште од почетокот. Многу е тешко што некој требаше да изгуби денес. Јас мислам дека тука има двајца победници. Една фамилија која победи. За тенисот како спорт, оваа приказна е едноставно неверојатна. Посакувам да можеше да има двајца победници”, изјави емотивниот Валентин, кој воедно стана и првиот тенисер од Монако кој има победено на Мастерс турнир.
I’m not crying, you are 😭@val_vacherot #RolexShanghaiMasters pic.twitter.com/tSjLgRru82
— Rolex Shanghai Masters (@SH_RolexMasters) October 12, 2025
“Ви благодарам што ни го дадовте микрофонот, да кажеме што имаме. Ретко имаме можност да се обратиме до публиката и да кажеме колку ни значи нивната поддршка. Тешко беше да се игра во овие услови, со влажноста на воздухот и високите температури, но дадов сè од себе”, рече Риндеркнеч при доделувањето на трофеите.
Тој потоа низ солзи и со силен наплив на емоции му честиташе на својот братучед за неверојатниот турнир: “Двајца братучеди се посилни од еден”.
Going through all the emotions 🥹#RolexShanghaiMasters pic.twitter.com/KCFfhSHeoT
— Rolex Shanghai Masters (@SH_RolexMasters) October 12, 2025
Ова беше можеби најемотивниот подиум кој го видовме сезонава и воопшто на еден тениски турнир, а ваквите спортски приказни се вистински празник за љубителите на спортот.
Потоа микрофонот му беше врачен повторно на Вашеро, овој пат како шампион на турнирот во Шангај. Валентин во првиот говор кој го одржа во една ваква функција најпрво се заблагодари на пубиката, чиј миленик стана со својата извонредна игра во текот на целиот турнир: “Ова е прв пат за мене на ваков турнир и прв пат во Кина. Сакам да се заблагодарам на сите. Од луѓето што ме пречекаа на аеродром, до собирачите на топчиња, на организацијата, на превозот, на сите присутни на тренинзите, сите што ми овозможија со својата организација да имам вакво неверојатно искуство”.
Артур го преовладаа емоциите, па во еден момент тој падна од сцената во грч, но за среќа се беше во ред со него, па Валентин можеше да го продолжи својот победнички говор, во кој повторно низ солзи се заблагодари на сите кои имаа удел во овој неверојатен пат.
Тој со победата на турнирот не само што собра 1000 поени за неверојатен скок на АТП листата, туку и заработи 1,124,380 долари. Само пред две недели, неговата вкупна заработка од сите досегашни турнири во кариерата изнесувала $594,077. Едноставно неверојатно!
Она што сега се надеваат сите тениски фанови е дека двајцата тенисери ќе ја задржат оваа форма, па дури и ќе ја подобрат, па почесто ќе можеме да ги гледаме во дуелите на големите Мастерс турнири. Одличен турнир, одлична приказна која уште еднаш докажува дека спортот е повеќе од само игра… Секоја чест и за двајцата тенисер и голема благодарност за емоциите низ кои не одведоа во овие две недели.