Капитенот Ромеро удри по управата на Тотенхем: „Се појавувате само кога е добро за да лажете!“

 

Објавено:

Дека во Тотенхем владее тотален распад на системот, потврди капитенот Кристијан Ромеро со својата шокантна објава на социјалните мрежи по синоќешниот пораз од Борнмут (3-2). Аргентинецот не бираше зборови и директно го впери прстот кон клупската хиерархија, обвинувајќи ги челниците на клубот за молк во тешките моменти и за ширење лаги кога резултатите биле подобри.

Ромеро, кој ја носи капитенската лента по заминувањето на Сон во МЛС, упати јавно извинување до навивачите, но истовремено порача дека е време „други луѓе“ да излезат и да ја преземат одговорноста пред јавноста.

„Тие молчат со години, а се појавуваат само за успеси“

„Ние сме одговорни, јас сум првиот на листата. Но, во вакви моменти треба некои други луѓе да излезат и да зборуваат, а тие молчат, како што се случува веќе со години. Се појавуваат само кога работите идат добро за да кажат по некоја лага“, напиша Ромеро во својот статус кој подоцна беше малку изменет, но неговата порака остана јасна и болна.

Овој јавен испад на најдобриот играч на „Спурс“ е директен удар кон сопствениците од семејството Луис и извршниот директор Винаи Венкатешам. Поразот од Борнмут го остави Тотенхем на мизерното 14-то место во Премиер лигата, со само две победи во 12 меча, што е најлош старт на сезоната во поновата историја на клубот.

Нестабилност која ја „јаде“ соблекувалната

Тензиите не се само на релација играчи-управа. По завршувањето на мечот на „Виталити“, играчите како Мики ван де Вен и Педро Поро влегоа во вербална расправија со револтираните навивачи на гостинската трибина. Сето ова говори за огромна нестабилност во тимот на Томас Франк, кој сега освен со резултатската криза, ќе мора да се справува и со „војната“ која ја започна неговиот капитен против сопствените газди.

Тотенхем во моментов изгледа како брод кој тоне без кормилар, а коментарите на Ромеро само потврдуваат дека соблекувалната повеќе нема трпение за политиките на бордот на директори.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено