Новиот селектор на бразилската репрезентација и поранешен тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, доби едногодишна затворска казна и парична глоба од 386.361 евра поради непријавени приходи во 2014 година, пресуди судот во Мадрид.
Анчелоти два пати го водеше тимот на Реал Мадрид. Еднаш од 2013 до 2015 година, па повторно од 2021 до оваа година, кога реши да го напушти кралскиот клуб и да прифати нов предизвик како национален селектор на Бразил.
Анчелоти (65) е ослободен од обвинението за 2015 година бидејќи не било докажано дека престојувал доволно долго во Шпанија за да подлежи на даночни обврски. Во тој период Карло го напушти Мадрид и се пресели во Лондон уште во мај истата година.
Иако шпанските судови ретко спроведуваат ефективна затворска казна под две години за прв престап и ненасилни дела, оваа одлука привлекува внимание поради големиот јавен интерес.
Анчелоти беше обвинет уште во 2020 година дека не платил околу 1,62 милиони евра, но тој веќе ја исплатил оваа сума во 2021. Во своја одбрана, тој изјави дека никогаш не му било важно колку заработува од имиџ правата и дека “секогаш барал нето плата од 6 милиони евра”, оставајќи на клубот да ги пресмета даноците.
Тренерот кој со Реал освои три трофеи во Лигата на шампиони и две титули во Ла Лига, сега ќе се фокусира на новиот предизвик со Бразил, но овој судски епилог дефинитивно фрла сенка на неговото враќање на фудбалската сцена на национално ниво.



