Тенискиот свет доживеа огромен удар во пресрет на сезоната на трева. Двократниот шампион на Вимблдон, Карлос Алкараз, и официјално потврди дека поради тешката повреда на десниот зглоб на раката нема да настапи на овогодинешното издание на „Ол Ингланд Клубот“. Ова значи дека шпанскиот генијалец, кој уште минатиот месец се повлече од Ролан Гарос, комплетно ја пропушта целата пролетна и летна турнеја на земја и трева.
Младиот 23-годишен тенисер ја сподели тажната вест преку социјалните мрежи, нагласувајќи дека иако рехабилитацијата оди во вистинска насока, неговото тело сè уште не е подготвено за бруталните напори на АТП турнејата.
„Моето закрепнување оди добро и се чувствувам многу подобро, но за жал сè уште не сум подготвен за натпреварување. Поради тоа, морам да се повлечам од Квинс и од Вимблдон. Ова се два навистина посебни турнири за мене и неизмерно ќе ми недостигаат. Продолжуваме со работа за да се вратам на терените што е можно побрзо“, напиша Алкараз на социјалните мрежи.
Мундијалски почеток, па кошмарен прекин на сезоната
Оваа повреда доаѓа во година која започна како вистинска бајка за Шпанецот. Алкараз во јануари триумфираше на Австралија Опен и влезе во историјата како најмладиот тенисер кој успеал да комплетира кариерен Грен слем (ги освои сите четири големи турнири). Сепак, повредата заработена во првото коло на турнирот во Барселона целосно му ги сопре шампионските амбиции.
Поучен од примерите на Доминик Тим и Хуан Мартин Дел Потро, чии кариери беа брутално уништени токму од повреди на зглобот, Алкараз реши да биде максимално претпазлив: „Пред мене е долга кариера и уште многу години врвен тенис. Форсирањето во овој момент би можело трајно да ме оштети за идните турнири“, изјави Алкараз непосредно пред да го откаже и Ролан Гарос.
Патот е отворен за Синер, но Ѓоковиќ демне од сенка!
Отсуството на Алкараз дополнително ја засилува доминацијата на Јаник Синер. Италијанецот минатиот месец го презеде првото место на АТП листата, врза нестварни 29 победи по ред и ги освои последните шест Мастерс 1.000 турнири. Со повлекувањето на Карлитос, Синер има шанса да направи недостижна предност на врвот, но и Италијанецот чувствува сериозен ментален и физички замор, поради што веќе најави дека нема да игра подготвителни турнири на трева пред Вимблдон.
Но, секоја Грен слем ждрепка без Алкараз отвора огромна врата за останатите во топ 10, каде што само Данил Медведев и Новак Ѓоковиќ знаат како се освојува голема титула.

Српскиот ас, кој во петок полни 39 години, зад себе има тешка сезона со сопствени маки со повредите. Сепак, како седумкратен шампион на Вимблдон, Новак добива нестварна шанса за уште еден епски јуриш на лондонската трева, каде што неговото искуство и шампионски ген го прават најголемата закана за помладите ривали. Вимблдон започнува на 29 јуни, но без Алкараз – дефинитивно нема да биде исто.



