Возачот на Вилијамс, Карлос Сајнц, упати жестока и директна критика до сопствениците на Формула 1, обвинувајќи ги дека со својот пристап кон телевизиските преноси го уништуваат спортот. Според Шпанецот, преносите премногу се фокусираат на познатите личности, девојките и членовите на семејствата во гаражите, а притоа ги пропуштаат клучните моменти од трките.
Оваа изјава, која е реткост во денешниот корпоративен свет на Ф1, наиде на огромна поддршка кај вистинските фанови на спортот.
“Ги пропуштија сите мои претекнувања”
По трката во Сингапур, каде што тој имаше спектакуларен пробив од последните позиции до 10-тото место, Сајнц беше видно фрустриран што ниту еден од неговите потези не беше прикажан во преносот.
“Стана тренд. Веројатно некогаш им успеало, па луѓето сметале дека е интересно да ги гледаат нашите девојки или познатите личности на ТВ”, изјави Сајнц за шпанските медиуми.
“Разбирам дека ако има претекнување или тензичен момент, продукцијата сака да покаже реакција. Но, тоа треба да се прави само ако се почитува натпреварувањето. Минатиот викенд, тие не покажаа ниту едно од моите четири или пет претекнувања. Не ја покажаа ни борбата на Фернандо со Луис… пропуштија многу работи“, додаде тој.
Проблемот е подлабок: “Drive to Survive” ефектот
Критиките на Сајнц се само дел од пошироката дебата за насоката во која се движи Формула 1. Многу фанови сметаат дека, во обид да привлечат нова, помлада публика (најмногу преку серијата на Нетфликс, “Drive to Survive”), сопствениците на Ф1 го претвораат спортот во реално шоу.
“Плаќам за да гледам трки, а не луѓе кои гледаат трки на монитор во гаража”, “Ја видов девојката на Леклер повеќе отколку што го видов него на патеката”, се само дел од коментарите.
“Не можеме ни да се движиме низ падокот”
Сајнц, исто така, се пожали и на хаосот што го создаваат ВИП-гостите во падокот.
“Понекогаш има толку многу ВИП-гости во падокот, што не можеме ни да се движиме. Се движиме со велосипед или скутер, бидејќи инаку е невозможно да се пробиете”, заклучи Шпанецот.
На крајот, ова е крик на еден од најдобрите возачи на денешницата, кој се обидува да го заштити интегритетот на спортот. Дали некој ќе го слушне, останува да видиме.
Целиот текст од интервјуто можете да го прочитате во “The Independent”.