Италијанскиот тенисер Јаник Синер е на чекор до одбрана на титулата на Отвореното првенство во Њујорк, откако во полуфиналниот меч го совлада Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим.
Младиот Канаѓанец успеа да му земе еден сет на светскиот рекет број 1, па борбата се одвиваше во четири сета, за разлика од другиот финалист Карлос Алкараз кој до финалето стигна без изгубен сет.
Конечниот резултат во полуфиналето беше 3:1 за Синер, односно 6-1, 3-6, 6-3, 6-4 во сетови, за 300-та победа во својата кариера.
An exhale from Jannik!
He's in the men's singles final 😤 pic.twitter.com/BxqZsBsfIP
— US Open Tennis (@usopen) September 6, 2025
Сега нè очекува уште една средба меѓу двајцата најдобри тенисери на АТП листата и нов спектакл во најава. Синер ќе се обиде да дојде до нова последователна титула на УС Опен, а Алкараз во обид да дојде до историски успех доколку успее да го совлада Италијанецот без изгубен сет.
“Мислам дека нашето ривалство почна токму тука, а сега сме двајца различни тенисери, со различна самодоверба. Игравме доста оваа година, па сега веќе се знаеме многу добро”, изјави Синер по победата за претстојното финале.
Ова ќе биде трето Гренд Слем финале на различна подлога годинава за двајцата тенисери, откако претходно се сретнаа и на Роланд Гарос и Вимблдон.



