„Ќе одиме на победа!“: Павле Атанасијевиќ и Јонут Станеску ја најавуваат „битката за Хернинг“

Објавено:

Македонија е во исчекување. Часовникот отчукува до 18:00 часот, кога нашите ракометари ќе се соочат со Романија во натпревар кој за нас значи „сè или ништо“. Иако Романците ги загубија шансите за следната фаза, нивните пораки јасно говорат дека нема да се предадат без борба.

„Не нè интересира традицијата, сакаме триумф!“

Иако историјата вели дека двете репрезентации се целосно израмнети со по три победи (3-3), романскиот бек Јонут Станеску предупредува дека тие не доаѓаат со бело знаме во „Јиске Банк Боксен“.

„Доста е интересно што меѓусебниот скор е 3-3, но ние воопшто не размислуваме за тие работи. Сакаме само да излеземе на теренот, да го покажеме нашето најдобро издание, да бидеме скромни, но да се обидеме да победиме,“ изјави Станеску, најавувајќи дека Романија ќе игра за својот престиж и чест.

Македонскиот одговор: „Одиме на победа, нека победи подобриот!“

Од нашиот табор, младиот и енергичен Павле Атанасијевиќ јасно стави до знаење дека македонските ракометари се подготвени да го остават срцето на теренот за да ги израдуваат илјадниците фанови во Данска и целата нација пред малите екрани.

„Ќе дадеме сè од себе, секој до последен, за да го добиеме овој натпревар. Ќе одиме на победа, па нека победи подобриот на теренот“, порача Атанасијевиќ, потенцирајќи го мотивот кој владее во соблекувалната на Кирил Лазаров.

Битка за секој гол

Ова веќе не е само обичен натпревар. За Македонија, ова е борба за враќање на големата сцена по осум години пауза од главните рунди на Европските првенства. Од една страна е желбата на Станеску и неговите соиграчи да се збогуваат од првенството со крената глава, а од друга е „гладот“ на македонските момци за докажување и успех.

Хернинг вечерва ќе гори! Напред Македонија!

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено