Кепа го спаси Арсенал: „Топџиите“ преку пенали до полуфинале против Челси!

Објавено:

Арсенал обезбеди пласман меѓу четирите најдобри екипи во Карабао купот, откако по голема драма и подобра изведба на пенали го елиминираше тимот на Кристал Палас. Јунакот на вечерта беше голманот Кепа Аризабалага, кој го одбрани одлучувачкиот пенал на трагичарот Максенс Лакроа за конечен триумф во серијата која заврши со 8-7.

Натпреварот беше полн со тензија до самиот крај. Арсенал мислеше дека ја заврши работата во 80-тата минута, кога токму Лакроа си постигна несреќен автогол по еден корнер на домаќините. Сепак, Палас не се предаде и во петтата минута од судиското продолжение шокираше на „Емиратите“. По слободниот удар на Вартон, Марк Гуеи најдобро се снајде во метежот и израмни на 1-1, присилувајќи ги двете екипи на пенал-рулет.

Артета нема да биде задоволен и покрај пласманот

Иако целта е остварена, тренерот на Арсенал, Микел Артета, има многу причини за загриженост. „Топџиите“ повторно беа далеку од својата препознатлива форма, а играта делуваше неповрзано. Артета направи дури осум измени во стартниот состав, а на теренот по пауза од 345 дена поради повреда се врати Габриел Жезус, кој пропушти неколку сериозни шанси за гол.

Емотивниот Артета тешко го поднесе падот на концентрацијата во финишот, особено непотребниот фаул на Вилијам Салиба кој му претходеше на израмнувачкиот гол на Палас. Иако тимот бележи победи во последно време, евидентно е дека Арсенал во моментов не е на истото ниво на кое беше на почетокот на сезоната.

Во полуфиналето на Карабао купот нè очекува голем лондонски судир, каде Арсенал ќе ги одмери силите со Челси во два натпревари за место во големото финале.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено