КФМ му одговори на Работнички: Постојат правила за жалба, јавното посочување судии е забрането!

 

Објавено:

Тензиите во македонската кошарка по натпреварот помеѓу Работнички и Феникс добија институционална завршница. По острите обвинувања од „Градски парк“ и барањето за „црна листа“ за судијата Александар Давидов, вчера со официјален став се огласи Судиската комисија при КФМ.

Оттаму јасно порачуваат дека емоциите и јавните прозивки нема да се толерираат и дека секој клуб мора да ги почитува пропишаните механизми за жалба. Според Комисијата, барањето за изземање на судии со име и презиме е директно кршење на актите на Федерацијата.

Наместо фејсбук-статуси, КФМ ги упати клубовите кон формални жалби и барања за видео-анализи, нагласувајќи дека само преку тие канали може објективно да се утврди дали навистина имало грешки кои влијаеле на резултатот.

Во продолжение ви го пренесуваме целосното соопштение на Судиската комисија:

„Судиската комисија при Кошаркарската федерација на Северна Македонија ја информира јавноста дека согласно Пропозициите за натпреварување и актите на Федерацијата, сите клубови имаат на располагање јасно утврдени институционални механизми преку кои можат да ги изразат своите евентуални забелешки во врска со судењето на натпреварите, и тоа:

– поднесување формална жалба
– доставување конкретни спорни ситуации
– барање за анализа на видео-снимка од натпревар

Преку овие процедури, надлежните комисии и стручни тела на Федерацијата можат објективно и професионално да ги разгледаат сите ситуации и да донесат соодветни одлуки доколку навистина постојат судиски грешки со влијание на резултатот.
Воедно, Судиската комисија потсетува дека работата на судиите континуирано се следи и оценува преку извештаи од контролори, видео-анализи и интерни стручни процедури, со цел постојано унапредување на квалитетот на судењето и зачувување на регуларноста на натпреварувањата.

Јавно посочување службени лица со име и презиме и барања за нивно изземање е во спротивност на Пропозициите и останатите акти на Федерацијата.

Судиската комисија останува посветена на професионален и објективен пристап во оценувањето на судиите и ги повикува сите клубови своите забелешки да ги доставуваат преку предвидените институционални канали, со што ќе се овозможи нивно стручно и непристрасно разгледување.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено