КФМ пресече: Прифатена оставката на Марјан Илиевски, Владо Илиевски ќе го бира новиот кормилар

Објавено:

Бурна седница на Управниот одбор на Македонската кошаркарска федерација (КФМ). Денеска (20 јануари 2026), раководството на македонската кошарка се соочи со неочекуван потег на селекторот, но веднаш повлече стратешки потег со ангажирање на една од најголемите легенди на овој спорт.

Марјан Илиевски повеќе не е селектор на сениорската репрезентација, а Владо Илиевски добива огромни ингеренции како нов Координатор на сите национални селекции.

Извор: https://mkd.basketball/

Изненадувачка оставка пред самиот состанок

Како што информираат од КФМ, Марјан Илиевски ја поднел својата оставка непосредно пред почетокот на седницата на УО. Иако членовите на одборот биле изненадени од тајмингот и одлуката, оставката била разгледана и едногласно прифатена.

„Федерацијата во целост ја почитува личната и професионалната одлука на г. Илиевски и упатува искрена благодарност за неговиот ангажман“, стои во соопштението на КФМ.

Владо Илиевски, новиот „архитект“ на репрезентациите

За да се пополни празнината и да се постави систем, УО го повлече најсилниот потег, именување на Владо Илиевски за Координатор на сите национални репрезентативни селекции.

Херојот од Литванија 2011 и долгогодишен лидер на теренот, сега ќе има задача да воспостави стратегија, континуитет и системски развој од младинските категории до сениорите. Неговото меѓународно искуство и авторитет се гледаат како клучни за враќање на сјајот на националниот тим.

Прва задача: Да најде нов селектор!

Со доаѓањето на новата функција, Владо Илиевски веднаш добива „жежок костен“ во рацете. Од УО изразуваат очекување дека во најкраток можен рок, токму на предлог на Владо Илиевски, ќе биде именуван наследникот на Марјан Илиевски на селекторското столче.

Ова значи дека легендарниот плејмејкер ќе го има главниот збор во изборот на човекот што ќе ја води Македонија во наредниот циклус.

Други одлуки: Повисоки такси за статистичарите

Покрај кадровските смени, УО донесе одлуки и за техничкиот дел:

  • Утврдени се критериуми за избор на стручни лица во Спортската академија.
  • Формирана е комисија за селекција на тренери.
  • Зголемен е надоместокот за статистичарите на натпреварите, кој сега ќе изнесува 1.500 денари по меч.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено