Кливленд го демолираше Детроит: Прво финале на Истокот по ерата на Леброн Џејмс!

 

Објавено:

Кошаркарите на Кливленд Кавалирс на брутален начин обезбедија пласман во финалето на Источната конференција во НБА лигата. Во одлучувачкиот седми натпревар од полуфиналната серија, Кливленд го прегази првиот носител Детроит Пистонс на негов терен со убедливи 125-94, распукувајќи ги сите илузии на домашните навивачи уште во првото полувреме.

За Кавалирс ова е прво конференциско финале по далечната 2018 година, односно прв ваков сериозен успех откако Леброн Џејмс ја напушти франшизата, што јасно покажува дека овој тим конечно изгради свој нов, шампионски идентитет.

Донован Мичел и центарската линија го сомлеа Детроит

Кливленд го диктираше темпото уште од самиот старт и ниту во еден момент не му дозволи на Детроит да развие своја игра. Првата четвртина заврши со сигурни 31-22, а клучниот удар гостите го зададоа во вториот период кога со серија од 24-9 побегнаа на недостижни 64-47 пред заминувањето на одмор.

Нападот на Кливленд функционираше беспрекорно, а предводник беше Донован Мичел кој постигна 26 поени, од кои дури 15 во третата четвртина кога дефинитивно се скрши отпорот на домаќините. Фантастична поддршка Мичел доби од Сем Мерил кој уфрли 23 поени, како и од доминантната центарска линија. Џарет Ален постигна 23 поени, додека Еван Мобли оствари моќен дабл-дабл учинок со 21 поен и 12 скокови. Кливленд комплетно ја доби битката под обрачите, постигнувајќи дури 58 поени во рекетот наспроти 34 на Детроит.

„Не дојдовме дотука само за да кажеме дека сме го поминале ова коло. Дури и минатата година кога изгубивме од Индијана, нашата примарна цел беше големото НБА финале. Сега сме само еден чекор поблиску. Како тим можеме малку да здивнеме, но тоа здивнување ќе трае само 12 часа, а потоа веднаш се враќаме на напорна работа“, изјави емотивниот Мичел, кој за првпат во кариерата ќе игра во едно конференциско финале.

Катастрофална вечер за Канингем и крај на сонот за Пистонс

Детроит одигра очаен натпревар со многу лош процент на шут од игра (само 35.3%), па предноста на Кливленд во вториот дел постојано растеше и достигна максимални 35 поени разлика.

Најдобар стрелец кај поразените беше Денис Џенкинс со 17 поени, додека првата ѕвезда на тимот, Кејд Канингем, целосно потфрли под притисокот на „мајсторката“. Тој беше лимитиран на само 13 поени, што е дури за 16 поени помалку од неговиот вообичаен плејоф просек.

„Овој натпревар беше очаен. Сакавме да победиме пред нашите навивачи и ова навистина е многу лошо чувство“, кратко изјави разочараниот Канингем по елиминацијата.

Кливленд како четврти носител направи огромно изненадување со елиминацијата на најдобриот тим на Истокот, а во големото конференциско финале ќе ги одмери силите со третопласираниот Њујорк Никс. Првиот натпревар од оваа пеколна серија започнува веќе во вторник навечер во култниот „Медисон Сквер Гарден“.


Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено