Иако поминаа скоро две години откако Јирген Клоп емотивно се збогуваше со „Енфилд“, неговото име сè уште ги бранува страстите во Англија. Неговиот долгогодишен агент, Марк Косицке, откри дека гигантите Манчестер Јунајтед и Челси се обиделе да го ангажираат Германецот веднаш по неговото заминување од Ливерпул, но добиле експресна „корпа“.
„Ниту еден друг клуб во Англија!“
Кога Клоп во мај 2024 година стави крај на својата осум и пол годишна ера кај „црвените“, тој вети дека никогаш нема да менаџира друг англиски клуб. Изгледа дека Јунајтед и Челси мислеле дека тоа е само декор за пред камерите, па се обиделе да го тестираат неговиот карактер.
„Челси и Манчестер Јунајтед се распрашуваа, иако Јирген јасно кажа дека нема да тренира ниту еден друг клуб во Англија. Тие понуди не престануваа“, откри Косицке. „Тој моментално е пресреќен во својата нова улога во Ред Бул и воопшто не размислува за враќање во соблекувалната“.

Баерн Минхен го „бркал“ двапати, последен пат во 2019-та
Агентот откри и интересни детали од минатото. Баерн Минхен бил на чекор до потписот на Клоп во два наврати. Првиот пат во далечната 2008 година (кога се одлучиле за Клинсман), а вториот пат веднаш по триумфот на Клоп со Ливерпул во Лигата на шампионите во 2019 година.
Сепак, лојалноста кон проектот во Ливерпул и тогаш била пресудна, што подоцна му ја донесе и историската титула во Премиер лигата.
Метаморфоза во менаџер
Денес, на 58-годишна возраст, Клоп ужива во улогата на „шеф на глобалниот фудбал“ во Ред Бул. Според неговиот застапник, тој поминал низ целосна метаморфоза, од тренер кој е фокусиран само на теренот, до менаџер со широка одговорност. Изгледа дека Лијам Росениор во Челси и Мајкл Карик во Јунајтед можат да бидат мирни – сенката на Клоп повеќе не демне над нивните столчиња.



