Ландо Норис од Мекларен и официјално ја круниса својата неверојатна сезона, примајќи го трофејот за Светски шампион во Формула 1 на свечената церемонија на ФИА одржана во Ташкент, Узбекистан, во петокот навечер.
Ова беше емотивно враќање на сцената за британскиот возач, кој последен пат се појави на доделувањето на наградите на ФИА пред 11 години како светски шампион во картинг.
Возачот на Мекларен триумфираше во финалето на Големата награда на Абу Даби во неделата, откако борбата за титулата се решаваше во последната трка од епската сезона 2025. Норис, неговиот тимски колега Оскар Пијастри и Макс Верстапен имаа шанса за титулата на „Јас Марина“. Иако четирикратниот шампион Верстапен победи на трката, третото место на Норис беше доволно да ја запечати титулата со само два поени предност.
Посвета на Мекларен и ривалите
На сцената во Ташкент, Норис се осврна на напорната сезона. Тој упати честитки и благодарност до Мекларен, тимот со кој е со години, што им дал „неверојатен болид“ и што успеале да донесат многу победи сè до крајот на сезоната.
„Се разбира, му благодарам и на Пијастри, неверојатниот тимски колега кој ми помогна толку многу да се подобрам во текот на последните неколку сезони и го направи тимот што сме денес, овозможувајќи ни да освоиме два конструкторски трофеи по ред“, рече Норис.
Тој, исто така, го спомена и главниот конкурент: „Секако, му благодарам и на Макс што нè предизвикуваше цело време, нè ставаше под притисок, правејќи го она што Макс секогаш го прави“.
За Норис, моментот беше исполнување на детскиот сон. „Тоа беше неверојатно. Ова е очигледно сон на многу луѓе, сон на многу возачи, и конечно го живеев тој еден сон што го имав како мало дете“, заклучи новиот шампион.
Норис со гордост се осврна на својот пат во Формула 1, од тој момент пред 11 години до трката со најголемите: „Беше прекрасно да пораснам овде покрај многумина од вас, да го остварам тоа со Мекларен и да добијам шанса да се тркам со сите светски шампиони со кои се тркав – Луис [Хамилтон], Макс [Верстапен], Себ [Фетел], Фернандо [Алонсо]“.
Зек Браун (извршениот директор на Мекларен) и Андреа Стела (тимски директор) на сцената го примија трофејот за Конструкторскиот Шампионат, потврдувајќи го враќањето на Мекларен на врвот.



