Кошаркарска бајка: ТФТ ја елиминираше Сутјеска и се избори за историско финале во АБА 2!

 

Објавено:

Македонската кошарка ќе има свој претставник во големото финале на регионалната АБА 2 лига! Екипата на ТФТ од скопско Тафталиџе продолжи да испишува историја, совладувајќи ја црногорска Сутјеска Електропривреда со 90:77 во вториот натпревар од полуфиналната серија.

Со оваа импресивна победа пред својата публика, избраниците на тренерот Боро Смилковски со максимални 2:0 ја затворија серијата против фаворизираниот противник и се изборија за историска шанса, битка за пласман во елитната АБА 1 лига.

„Ова е натпревар во кој ќе победи Сутјеска,“ самоуверено изјавуваше тренерот на гостите, Марко Симоновиќ, пред гостувањето во Скопје. Но, реалноста на теренот беше сосема поинаква. ТФТ уште еднаш покажа дека потценувањето е нивното најголемо гориво.

Натпреварот започна со блага предност за Сутјеска (8:7), но тоа траеше многу кратко. ТФТ брзо ја презеде контролата, воспостави доминација во нападот и цврстина во одбраната, што резултираше со убедливи 29:14 по првите десет минути игра. До крајот на полувремето, предводени од расположениот Стенли Дејвис Џуниор и Џастин Гордон, „црно-белите“ рутински ја одржуваа двоцифрената предност (50:34).

Во третиот период, гостите од Никшиќ се обидоа да возвратат и успеаја да ја намалат негативата на 65:55. Сепак, ТФТ не дозволи драма. Со фуриозна серија од 11:0 на крајот од третата и почетокот на четвртата четвртина, предноста се искачи на недостижни 76:55, по што победникот беше практично решен. Во финишот, Сутјеска само успеа да го ублажи поразот за конечни 90:77.

Извор: https://druga.aba-liga.com/ {Photo: TFT Skopje / Petr Stojanovski}

Апсолутен лидер на ТФТ во оваа победа беше Стенли Дејвис Џуниор со 23 поени и 9 скокови. Веднаш зад него блескаше македонскиот репрезентативец Виктор Ташовски, кој одигра уште една феноменална партија со 19 поени, 8 скокови, 4 асистенции и неверојатна дефанзивна работа (индекс на корисност 26). Џастин Гордон и Дарин Ентони Говенс додадоа по 17 поени, комплетирајќи го моќното издание на скопскиот состав. Кај Сутјеска најефикасен беше К. Мартин со 22 поени.

Во големото финале на АБА 2 лигата, ТФТ ќе ги вкрсти копјата со првопласираната екипа од регуларниот дел на сезоната, Широки ТТ Кабели, која исто така со 2:0 го елиминираше словенечкиот Хелиос.

Исто како и во претходните рунди, ТФТ нема да ја има предноста на домашниот терен во финалната серија. Првиот натпревар е закажан за 29 април на гостински терен, но момците од Тафталиџе веќе докажаа дека за нив не постојат непремостливи пречки.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено