Најголемиот кошмар за навивачите на Ливерпул стана реалност. Една од најголемите легенди во историјата на клубот, Мохамед Салах, официјално потврди дека ова е неговата последна сезона во дресот на „црвените“.
Египетскиот интернационалец ја соопшти веста преку емотивна видео-порака на своите социјални мрежи, ставајќи крај на деветгодишната доминација на „Енфилд“.
„За жал, дојде и тој ден. Ова е првиот дел од моето збогување. Ќе го напуштам Ливерпул на крајот на оваа сезона“, порача 33-годишниот Салах во видеото кое за неколку минути ги скрши срцата на милиони фанови.
— Mohamed Salah (@MoSalah) March 24, 2026
Вечен симбол на успехот на Ливерпул
Салах пристигна во Ливерпул во јуни 2017 година од Рома и оттогаш стана синоним за успесите на клубот под водство на Јирген Клоп. Со „црвените“ ги освои сите можни трофеи – од Премиер лигата и Лигата на шампионите, па сè до Светското клупско првенство, уривајќи безброј индивидуални рекорди во англискиот фудбал.
Засега нема информации каде Салах ќе ја продолжи кариерата, иако богатите понуди од Саудиска Арабија се на неговата маса веќе неколку сезони. Останува да видиме дали неговото последно поглавје на „Енфилд“ ќе заврши со уште еден голем трофеј.
Ова е вест која постојано се дополнува.



