Превирањата и хаосот во Реал Мадрид го земаат својот најголем данок. По најавените вонредни избори на Флорентино Перез и жестоките свирежи од трибините за најголемите ѕвезди, „кралскиот клуб“ се подготвува за емотивно збогување со еден од своите најголеми синови во поновата историја. Актуелниот капитен Дани Карвахал дефинитивно ќе го напушти „Сантијаго Бернабеу“ претстојното лето како слободен агент.
34-годишниот десен бек, кој помина вкупно 23 години во клубот на неговиот живот, веќе е известен од раководството дека неговиот договор, кој истекува на крајот на јуни, нема да биде продолжен.
Повредите и Трент го преселија на клупата
Иднината на Карвахал во Мадрид подолго време висеше во воздух поради неговите чести и тешки маки со повредите. Процесот на негово заминување започна уште минатото лето со пристигнувањето на Трент Александер-Арнолд од Ливерпул, кој веднаш ја презеде неговата позиција во стартниот состав.
Проблемите за Карвахал почнаа со хорор-повредата во октомври 2024 година, кога ги скина предните вкрстени и странични лигаменти на десното колено, поради што паузираше дури девет месеци. По враќањето на терените и дополнителната артроскопска операција во декември, дефанзивецот успеа да одигра само два натпревари со полни 90 минути.
Оваа сезона Карвахал започна како стартер на само осум меча во Ла Лига. Малата минутажа му ги загрози и шансите да биде дел од репрезентацијата на Шпанија за претстојното Светско првенство во Северна Америка. Селекторот и предводник на Реал, Алваро Арбелоа, минатиот месец јасно му стави до знаење дека нема намера да му дава вештачка минутажа само за да му ги зголеми шансите за Мундијалот, изјавувајќи дека секогаш мисли на она што е најдобро за клубот.

Заминување по две катастрофални сезони без трофеј
Карвахал пристигна во Реал Мадрид како 10-годишно момче во далечната 2002 година, а токму тој како дете го постави „првиот камена темелник“ на тренинг-центарот Валдебебас. Зад себе остава нестварно педигре: 448 официјални настапи за првиот тим и дури 26 освоени трофеи, меѓу кои четири титули во Ла Лига и неверојатни шест пехари во Лигата на шампионите.
Сепак, легендата си оди од Мадрид по две последователни сезони во кои клубот не освои ниту еден значаен трофеј, откако оваа пролет „кралевите“ беа елиминирани во четвртфиналето од ЛШ од Баерн Минхен, а во домашниот шампионат по вторпат по ред му ја предадоа круната на најголемиот ривал Барселона.

Што носи иднината за капетанот?
Следниот предизвик за Карвахал сè уште е мистерија. Извори блиски до фудбалерот тврдат дека опцијата за Саудиска Арабија или Блискиот Исток во овој момент е многу тешко изводлива поради моменталните политички и безбедносни тензии во тој регион. Неговиот зет и поранешен соиграч Хоселу исто така ја завршува својата авантура во Катар летово, па двајцата искусни фудбалери ќе ги разгледуваат понудите на пазарот пред да ја донесат конечната одлука.



