Девет месеци по шокантната размена која ја потресе НБА, Нико Харисон е отпуштен од местото генерален менаџер на Далас Маверикс. Човекот кој ја презеде одговорноста за трансферот на Лука Дончиќ во Лос Анџелес Лејкерс повеќе не е дел од клубот од Тексас, потврдија американските медиуми.
Одлуката ја потпишал сопственикот Патрик Думонт, откако Маверикси влегоа во катастрофален старт на сезоната со само три победи во првите 11 натпревари и пад на 14-тата позиција на Западот. Екипа која некогаш беше симбол на офанзивна моќ, сега е 29-та по број на постигнати поени, нешто што беше речиси незамисливо во „ерата на Дончиќ“.
Од херој до „предавник“ во очите на навивачите
Харисон, поранешен извршен директор во „Најк“, беше човекот кој во февруари ја „изведе бомбата“ и ја прифати понудата на Лејкерси да го испрати Дончиќ во Калифорнија во замена за Ентони Дејвис. Трансферот што требаше да донесе рамнотежа и искуство, се претвори во симбол на пропаст.
Иако Харисон тогаш уверуваше дека „Дејвис е дел од планот за победа сега и во следните три години“, навивачите не му простија. Веќе следното утро по размената, група фанови организираше „погреб на Дончиќ“ пред арената во Далас, додека извикуваа „Отпуштете го Нико!“. Овие повици не престанаа со месеци – се слушаа на натпревари, забави, па дури и кога тимот го избра Купер Флег како прв пик на драфтот.

Тешки месеци и уште потешки одлуки
Низ повредите и неусогласеноста со тренерот Џејсон Кид, ситуацијата само се влошуваше. Дејвис, пристигнат со проблем со стомачен мускул, се повреди повторно уште на својот прв натпревар за Маверикс и оттогаш одигра минимално. Кири Ирвинг доживеа кобна повреда на колено, а Далас потоа се обиде со Ди’Анџело Расел, потег што не донесе посакуван резултат.
Во меѓувреме, Дончиќ, сега во жолто-виолетовиот дрес на Лејкерси, повторно блеска во ЛА, додека Далас изгледа како тим што се уште го бара своето лице.
„Тешко ми е поради таа размена“
Интересен момент се случил токму вечерта пред отпуштањето. Сопственикот Думонт бил забележан како разговара со млад навивач во жолт дрес на Дончиќ на трибините. „Рече дека се чувствува ужасно поради таа размена и сака да ни се оддолжи некако“, откри младиот фан Николас Дикасон за „The Athletic“.
Харисон, кој имаше уште две години од договорот, си заминува оставајќи зад себе клуб без Дончиќ, без идни драфт-пикови (од 2027 до 2030) и без јасен правец. Екипа што само пред една сезона стигна до финалето на НБА, сега изгледа изгубено.
Кој ќе го наследи?
До назначување на нов генерален менаџер, Мет Рикарди и Мајкл Финли ќе ја преземат улогата на ко-интерим директори. Но, по хаосот од последните девет месеци, едно е сигурно – во Далас повеќе ништо нема да биде исто.



