Додека повеќето фудбалери на негова возраст одамна уживаат во пензија, легендарниот јапонски напаѓач Казујоши Миура продолжува да ги поместува границите на човечките можности. На 58-годишна возраст, човекот познат како „Крал Казу“ официјално потпиша за Фукушима Јунајтед, член на третата јапонска лига.
Миура, кој во февруари ќе наполни 59 години, е најстариот активен професионален фудбалер во светот. Ова ќе биде негова 41. професионална сезона во кариерата која започна уште во далечната 1986 година и тоа во бразилскиот гигант Сантос.
Кариера која опфаќа пет децении
Миура е жива икона на светскиот фудбал. Својот пат го започна во Бразил, потоа играше во Италија (Џенова), Хрватска (Динамо Загреб) и Австралија, пред да се врати во Јапонија каде стана симбол на долговечноста.
„Мојата страст за фудбалот никогаш нема да се промени, без разлика колку години имам. Длабоко сум благодарен за можноста да играм во Фукушима и со нетрпение чекам да се борам со истата страст како и првиот ден“, изјави Миура при промоцијата.
Рекорди кои тешко ќе бидат соборени
„Кралот Казу“ беше прогласен за најдобар фудбалер на Азија во 1992 година, а беше МВП на јапонската лига во 1993 година. Иако неговиот последен настап за репрезентацијата на Јапонија (за која постигна 55 гола на 89 меча) беше во 2000 година, неговото име сè уште предизвикува стравопочит во светот на спортот.
Ова е негова четврта позајмица во последните четири години од неговиот матичен клуб Јокохама ФЦ, што покажува дека неговата желба за игра е посилна од сите биолошки закони. Како што се доближува до 60-тата година од животот, Миура останува најголемиот пример за професионализам и љубов кон спортот.



