Кралски терор на Бернабеу: Мбапе го „решеташе“ Монако на дебито на Арбелоа во ЛШ!

Објавено:

Реал Мадрид се врати во својот препознатлив победнички ритам во Лигата на шампионите. Под палката на новиот стратег Алваро Арбелоа, кој го замени Чаби Алонсо по дебаклот во Суперкупот, „кралевите“ го прегазија Монако со високи 6-1, покажувајќи дека кризата е минато.

Главната ѕвезда на вечерта беше Килијан Мбапе, кој уште еднаш докажа дека нема емоции кога игра против клубот каде што ја почна кариерата.

Мбапе не запира, Мастантуоно со првенец

На Мбапе му требаа само пет минути за да го отвори резултатот по асистенција на Валверде. Ова беше само почеток на шоуто, бидејќи Французинот во 26-та минута го постигна својот втор гол (вкупно 11-ти во ЛШ сезонава), по една спектакуларна тимска акција во која учествуваа Камавинга и Винисиус.

Вечерта стана историска за 18-годишниот Аргентинец Франко Мастантуоно, кој го постигна својот прв гол во Лигата на шампионите по одлична асистенција на Винисиус Жуниор. Бразилецот исто така беше во елемент – изнуди автогол на Керер, а потоа и самиот „испука“ проектил под пречката за 5-0.

Белингем го скрши „постот“ во 2026 година

Иако Монако постигна почесен погодок преку Тезе по една грешка на одбраната на Реал, последиот збор го имаше Џуд Белингем. Англичанецот го постигна својот прв гол во новата 2026 година, откако мајсторски го измами голманот Кин за конечни 6-1.

Со оваа победа, Реал Мадрид се искачи на втората позиција на табелата со 15 бодови. Еден позитивен резултат против Бенфика во последното коло ќе ги испрати „кралевите“ директно во осминафиналето, избегнувајќи го незгодниот плеј-оф. Арбелоа, по лошиот старт во Купот, конечно го пронајде вистинскиот рецепт за европскиот шампион.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

Тазе објавено