12.8 C
Skopje

Кристал Палас го победија Ливерпул во нивни стил, Челси шокирани по црвениот картон

Објавено:

Кристал Палас 2-1 Ливерпул

Денес во Лондон се судрија двата клуба кои останаа досега непоразени во новата сезона на Премиер лигата, а Кристал Палас го задржа таквиот скор откако во стил на Ливерпул победија со гол во судиското надополнување.

Она што беше карактеристично за Ливерпул сезонава – да победуваат со гол во самите завршници на натпреварите, сега им се случи токму ним, па од прва рака искусија како им беше на сите други тимови кои изгубија во таков стил од нив.

Извор: https://x.com/CPFC

Иако губеа со 1-0 уште од 9-та минута на натпреварот и погодокот на Исмаила Сар, за момент се чинеше дека Ливерпул се на пат повторно да изведат сензација кога Чиеза повторно блесна и погоди за израмнување на 1-1 во 87-та минута. Надежите на навивачите на Ливерпул експоненцијално пораснаа со тој погодок, а многумина веруваа дека повторно тимот на Арне Слот ќе постигне уште еден гол во последните минути за пресврт и победа, само за Еди Енкетија да ги замрзне надежите со погодокот во 97-та минута за победа на Кристал Палас од 2-1.

Тренерот на Кристал Палас, Оливер Гласнер по мечот изјави: “Заслуживме да победиме. Игравме неверојатно во првото полувреме и го заслуживме водството. Со притисокот во второто Ливерпул заслужија да израмнат, но драго ми е каква беше реакцијата на мојот тим. Навистина сум горд на сработеното”.

Манчестер Сити 5-1 Барнли

Иако многумина се прашуваа дали тимот на Пеп Гвардиола ќе биде во игра за титулата оваа сезона после поразите од Тотенхем и Брајтон, сепак денес со победата од 5-1 над Барнли покажаа дека не треба да бидат отпишани така лесно од трката.

Резултатот го отвори автоголот на Естеве во 12-та минута, а за неговата несреќа да биде уште поголема, тој постигна и втор автогол во 65-та минута. Нунес погоди за Сити во 61-та минута, а Ерлинг Халанд со дури два погодоци во самиот финиш само ја запечати судбината на гостите. Барнли сепак имаше еден погодок и во мрежата на Сити, со погодокот на Антони во 38-та минута.

Челси 1-3 Брајтон

Црвениот картон на Чалоба ги чинеше светските шампиони многу на денешниот меч против Брајтон. Иако стартуваа добро и поведоа со 1-0 по голот на Енцо Фернандес во 24-та минута, сепак пресуден беше црвениот картон во 53-та минута после кој “сините” дозволија целосен пресврт на домашен терен.

Велбек погоди два пати, во 77-та и 10-та минута од судиското надополнување, во кое гол постигна и Де Кујпер во 92-та, за конечни 1-3.

Тимот на Енцо Мареска влезе амбициозно во новата сезона после летниот трофеј на Светското клупско првенство, но во последно време како ништо да не им оди од рака. Кол Палмер повторно отсуствува поради повреда, не можат никако да дојдат до посакуваните победи, а проблеми имаат и во Лигата на шампионите.

Можеби ќе те интересира...

Поврзано

Тазе објавено