Кристал Палас пред колапс: Гласнер веќе не гарантира ниту дека ќе го дочека викендот на клупата!

 

Објавено:

Се чини дека „медениот месец“ на Оливер Гласнер во јужен Лондон одамна заврши, а неговата иднина на „Селхурст Парк“ сега виси на тенок конец. По шокантното реми во Конференциската лига и отворениот бунт на навивачите, австрискиот стратег денеска даде изјава која воопшто не ги смири страстите.

По срамното реми (1:1) против босанскиот Зрињски Мостар во Конференциската лига и серијата од само една победа на последните 15 натпревари, менаџерот Оливер Гласнер веќе не крие дека неговиот престој во Лондон може да заврши многу побрзо од планираното.

Навивачите со „пресуда“: Сакаме Гласнер да си оди!

Сцените по натпреварот во Мостар беа поразителни за Австриецот. Навивачите на Палас, кои отпатуваа во Босна, го „почестија“ својот менаџер со скандирања „Сакаме Гласнер да си оди“ и „Ќе добиеш отказ утре наутро“.

Иако Гласнер веќе најави дека ќе си замине во јуни кога му завршува договорот, на денешната прес-конференција пред мечот со Вулверхемптон, тој беше запрашан дали воопшто ќе остане до крајот на сезоната. Неговиот одговор беше во најмала рака загрижувачки:

„Да видиме што носи иднината, никогаш не се знае“, изјави кратко Гласнер, оставајќи ја отворена вратата за предвремено заминување.

Гласнер удри по управата: „Не сум магионичар да ги заменам продадените играчи“

Австриецот не остана должен и индиректно ја нападна трансфер политиката на клубот. Тој се чувствува „напуштен“ по продажбата на капитенот Марк Геи во Манчестер Сити во јануари, потег за кој вели дека нема никакво разбирање.

„Ја преземам одговорноста за лошата форма, но јас едноставно не сум доволно добар за да ги заменам играчите кои ги продадовме. Не сум доволно добар за веднаш да ги интегрирам новите играчи на тој начин“, иронично прокоментира менаџерот.

Статистика која не лаже

Иако Гласнер се обиде да се одбрани со фактот дека Палас моментално има повеќе бодови отколку во осум од последните 10 сезони, реалноста на теренот е сурова. Тимот е на 13-то место во Премиер лигата, само осум бодови над зоната за испаѓање, а формата е во слободен пад.

Викендов против последнопласираниот Вулверхемптон, Гласнер игра за својата чест, но можеби и за последен пат ќе го води тимот од Лондон.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено