Фудбалерите на ПСЖ носат огромна предност од три гола (5:2) по првиот осминафинален натпревар против Челси, но резултатот не ја пресликува вистинската драма што се случуваше на теренот цели 75 минути. „Сините“ од Лондон одиграа храбро, двапати се враќаа од негатива, но една катастрофална голманска грешка предизвика целосен колапс во финишот.
Ревија на голови и лавовска борба на „сините“
Натпреварот започна лошо за Челси кога Баркола погоди уште во 10-та минута. Сепак, тимот на Лијам Росениор покажа карактер. Мало Густо израмни на 1:1 по одличната асистенција на Енцо Фернандез, но радоста траеше кратко. Актуелниот освојувач на „Златната топка“, Усман Дембеле, го претрча Фофана и со рутинска завршница повторно го донесе ПСЖ во водство.

Челси не се предаваше и во второто полувреме по еден висок пресинг на Нето, Енцо Фернандез се најде на вистинското место за 2:2. Во тој момент, изгледаше дека Лондончани имаат контрола и можат да извлечат поволен резултат.
Трагичарот Јоргенсен и „џокерот“ Кварацхелија
Пресвртниот момент се случи кога голманот на Челси, Филип Јоргенсен, направи почетничка грешка и му ја додаде топката директно на противникот. Баркола веднаш го проигра Витиња, кој со мајсторски лоб го казни излетаниот голман за 3:2.
Тоа беше моментот кога Челси психички падна, а на сцена стапи „џокерот“ на Луис Енрике – Хвича Кварацхелија. Грузиецот, кој влезе од клупата, прво постигна спектакуларен гол со својот препознатлив „фелш“ од работ на шеснаесеттникот за 4:2, а во буквално последната секунда од мечот ги постави конечните 5:2.
Челси сега има „планина за качување“ на реваншот на „Стемфорд Бриџ“ следниот вторник, каде ќе мора да брка негатива од три гола против актуелниот европски шампион.



