Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Енис Барди, вчера го прослави својот 30-ти роденден, а честитки пристигнаа од сите страни. Посебно впечатлива беше онаа од шпанската Ла Лига, која на својот официјален инстаграм-профил објави компилација од неговите мајстории и ремек-дела од слободни удари, потсетувајќи на времето кога ги разубавуваше терените во шпанското првенство.
View this post on Instagram
Редакцијата на Спортска Станица се приклучува на честитките и на нашиот капитен му посакува многу здравје и успех.
Роденденот го дочека во интересен момент од кариерата. Неговиот договор со турскиот клуб Бодрум официјално заврши на 1 јули, со што Барди сега е слободен играч во потрага по нов предизвик. Нашата желба е тој да пронајде идеална средина која ќе ги препознае неговите несомнени квалитети, клуб во кој редовно ќе биде во првите 11 на теренот.
Тоа е од огромно значење, не само за него, туку и за македонската репрезентација, која ја очекуваат клучните натпревари во продолжението од Квалификациите за Светското првенство. За да ја предводи репрезентацијата кон нови успеси, потребно е нашиот капитен да биде во топ-форма.
Распоредот што следува е густ и решавачки:
- 7 септември: Македонија – Лихтенштајн (дома)
- 10 октомври: Белгија – Македонија (гости)
- 13 октомври: Македонија – Казахстан (дома, на “Градски”)
- 18 ноември: Велс – Македонија (гости, во Кардиф)
Среќен роденден, капитене, и со среќа во новите предизвици!