Ландо Норис е новиот светски шампион во Формула 1! Во една од најдраматичните завршници во историјата на спортот во која имаше тројца предентенти за титулата, Британецот ја задржа предноста и ја освои својата прва титула, иако Макс Верстапен триумфираше на последната трка – Големата Награда на Абу Даби.
Норис ја освои титулата со минимална, но доволна разлика од само два бода пред Верстапен, кој приреди историско враќање од 104 поени негатива во август, за да дојде до оваа неизвесна завршница.
Шампионски потег и нерви во вистински момент
Влегувајќи во викендот во Абу Даби, Норис имаше предност од 12 бода пред Верстапен и 16 пред тимскиот колега Оскар Пијастри. За да ја освои титулата, на Британецот му беше потребен само пласман на подиумот (меѓу првите три), без разлика на резултатот на Верстапен.
Иако Верстапен стартуваше од пол-позицијата и успеа да победи во трката, Норис покажа шампионски нерви и го издржа притисокот од почетокот до крајот, возејќи пресметано и без непотребни херојства.

Кога Норис ја премина целната линија, Мекларен експлодираше од радост. Во боксот одекнаа аплаузи и овации.
„Тоа е тоа, пријателе. Ти си светски шампион“, му порача инженерот Вил Џозеф преку тимското радио. Емотивниот Норис со насолзени очи им порача на своите родители дека ги сака.
Тој е првиот возач на Мекларен кој ја освоил титулата во Ф1 од Луис Хамилтон во 2008 година, со што го комплетираше неверојатното враќање на британскиот тим.
Препреки на патеката: Двојно претекнување и Пијастри
Трката за Норис не беше лесна, а во неа мораше да надмине неколку сериозни препреки:
- Нападот на Пијастри и Леклер: Норис успеа да го издржи дуелот со тимскиот колега Оскар Пијастри, кој направи дрзок обид да го претекне на почетокот на трката. Можеби најголема закана за титулата му беше расположениот Шарл Леклер кој извозе одлична трка, но едноставно не можеше да го стигне на крајот за да му го преземе третото место.
- ДРС Возот: По првото влегување во боксот, Норис мораше да се пробива низ група болиди, вклучувајќи и двојно претекнување во еден момент.
- Битката со Цунода и казната: Најголемиот предизвик беше претекнувањето на Јуки Цунода, при што успеа да избегне инцидент и потенцијална казна која можеше да го чини титула. Иако можеби сите очекувавме од јапонскиот тимски возач на Верстапен да пружи малку поголем отпор, за да може Леклер на свежи гуми да го престигне. На неколку наврати се чинеше повеќе како возачот на Ферари да е тимски колега на Верстапен, но иако даде сè од себе, не можеше да му помогне во освојувањето на петтата титула.
Ова беше возење со „шампионски калибар“, кое го одбележа крајот на маратонската сезона од 24 трки. Норис го заврши она што го започна Мекларен оваа сезона – доминација како екипа и заслужена титула.
Верстапен: Најголемото враќање
И покрај поразот, Макс Верстапен го приреди најсилниот камбек во историјата на Ф1. За да се врати од 104 поени негатива на само два бода заостанување, е масивно достигнување за Холанѓанецот. Сепак, неговиот став на „немам што да изгубам“ пред финалето, не беше доволен да го симне Норис од тронот.
За Норис и Мекларен, прославата на Јас Марина беше совршена завршница, по која светската титула по толку долго време се враќа во Вокинг.



