Додека кнежевството Монако викендов пулсираше во ритамот на историските мотори, една од најголемите легенди на мотоспортот, Жаки Икс, се врати во болидот што му ја донесе првата Гранд При победа во 1968 година. Сепак, 81-годишниот Белгиец не пропушти прилика да упати остри критики кон насоката во која се движи модерната Формула 1.
Икс се појави на патеката како дел од „Cavallino Classic“ парадата, управувајќи го своето славно Ferrari 312 од 1968 година, во чест на децениите поминати во „најбрзиот циркус“.
„Преживеан“ во ера каде смртта беше нормална
Потсетувајќи се на своите почетоци, Икс истакна колку суров и различен бил спортот во 60-тите и 70-тите години. Тој период го нарекува ера во која возачите биле вистински гладијатори кои го прифаќале ризикот од смрт како секојдневие.
„Тоа беа поинакви времиња. Луѓето гинеа на патеката, а ние продолжувавме да се тркаме без запирање. Денес можам да кажам дека сум преживеан. Гледајќи наназад кон тие години, ме обземаат морници, но тогаш беше нормално да ги прифатиме тие ситуации. Денес тоа би било незамисливо“, изјави Икс.
Тој се потсети на трката во Руан во 1968 година каде победи под силен дожд, но во сенка на трагичната смрт на Жо Шлесер, како и на пожарот во својот болид во 1970 година по судар со Оливер.

Модерната Ф1 е без личен идентитет
Жаки Икс, познат по својата кацига со темно сина боја и бели линии, остро го критикуваше трендот на постојано менување на дизајнот на кацигите кај денешните возачи, сметајќи дека тие го губат својот симбол и препознатливост.
„Мојата кацига беше мојата бизнис картичка. Секој возач имаше свој идентитет: Лауда со црвената, Клеј со црвено-белата… Денес не можете да препознаете ништо. Кој е поентата на отстранување на вистинскиот симбол на кариерата на еден возач? Сите ги паметиме Сена или Прост по нивните кациги, но како ќе ги паметиме Хамилтон или Верстапен?“.
Што се однесува до самата технологија, Белгиецот е јасен: „Денешната Ф1 е премногу комплицирана. Премногу електроника. Тоа не е Формула 1 која ние ја познававме и за која многу возачи поднесоа жртви“.
Кралот на Ле Ман и мистеријата со саботажата во Мекларен
Иако никогаш не стана Ф1 шампион (беше вицешампион во 1970 зад починатиот Јохен Риндт), Икс изгради легендарна кариера со шест победи на 24 часа Ле Ман и триумф на релито Дакар.
Сепак, една приказна секогаш ќе го прогонува – Гранд При на Германија во 1973 година. Тогаш го напушти очајното Ферари за да вози за Мекларен и заврши трет. Години подоцна, механичар на тимот признал дека болидот на Икс бил саботиран (намалена моќност на моторот) по барање на постојаните возачи на тимот кои не сакале да бидат посрамотени од гостин во нивниот болид.
„Можев да победам на таа трка. Тоа ќе беше мојата одмазда за катастрофалното Ферари од таа година“, вели Икс.



