Линдзи Вон со хеликоптер евакуирана по тежок пад, но порача: „Мојот Oлимписки сон не е завршен!“

 

Објавено:

Скијачката легенда Линдзи Вон ги преплаши љубителите на зимските спортови откако денеска доживеа тежок пад на последниот спуст во Швајцарија пред почетокот на Зимските олимписки игри во Милано Кортина.

41-годишната американска ветеранка, која се врати од пензија за да брка уште една олимписка слава, изгуби контрола при еден скок во Кран-Монтана и заврши во заштитните мрежи. Поради тежината на падот и болките во левото колено, Вон мораше да биде итно евакуирана со хеликоптер од патеката.

„Ако знам нешто да правам, тоа е враќањето“

Иако ситуацијата изгледаше критично, Вон веднаш се огласи преку социјалните мрежи за да ја смири јавноста и да потврди дека нејзината олимписка мисија сè уште е жива.

„Ова е многу тежок исход на само една недела пред Олимписките игри… но ако има една работа што знам како да ја правам, тоа е ’кам-бек‘. Мојот олимписки сон не е завршен! Го повредив левото колено и моментално правам дополнителни прегледи со моите доктори“, напиша храбрата Линдзи.

Хаос во Кран-Монтана поради слаба видливост

Вон беше третата скијачка која излета од патеката во Швајцарија, по што организаторите решија целосно да ја откажат трката поради екстремно слаба видливост и опасни услови. Ова е огромен удар за легендата со 82 победи во Светскиот куп, која во декември стана најстарата скијачка во историјата со победа во Алпското скијање.

Олимписките игри започнуваат на 6 февруари, а светот сега со нетрпение чека дали „челичната леди“ ќе успее да направи уште едно медицинско чудо и да се појави на стартот во Италија.

Следете нè: Facebook | Instagram | X

 

Можеби ќе те интересира...

Тим Спортска Станица
Тим Спортска Станицаhttps://sportstation.mk
Официјалниот профил на уредничкиот тим на SportStation.mk.

Поврзано

 
 

Тазе објавено