Новиот 10 годишен договор меѓу спортскиот бренд Адидас и актуелниот шампион од Премиер лигата, Ливерпул, очигледно е одлично прифатен од страна на навивачите, кои побрзаа да ги купат новите дресови од оваа соработка.
Новите звучни имиња како Флоријан Вирц, кој сега за сега е најскап трансфер летово, дополнително ја зголемија побарувачката на дресови пред претстојната сезона, па во првата недела неговиот дрес е најпродаван на официјалната веб страна.

Дополнително, на продажбата најверојатно влијаела и историската врска која ја имаат клубот и овој бренд, како и носталгијата за 80-те години од минатиот век.
Според официјалната веб страница на клубот, продажбата е за дури 700% поголема во однос на лани, кога Ливерпул соработуваше со спортскиот бренд Најк. Тие велат дека интересот е огромен, не само во Англија, туку од целиот свет, а веќе пристигнале нарачки од дури 150 различни држави.
Инаку, клубот изјави дека фановите ќе имаат можност на задниот дел од новокупените дресови да го додадат принтот со името на Диого Жота (Diogo J. 20), а сите приходи од тоа ќе одат во хуманитарни цели преку официјалната фондација на Ливерпул.



